Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали сме подготвени за евентуален нов мигрантски бран со оглед на новонастанатата ситуација во Авганистан, изјави дека во моментов не постојат посериозни индиции дека може да дојде до зголемување на мигрантскиот бран, но дека државата е подготвена да одговори на сите предизвици.

Тој наведе дека во моментот нема зголемување на илегални обиди, ако се спореди со претходните години, но дека тоа не значи дека нема да се случи во иднина.

Ние како држава сме подготвени и имаме два транзитни центри на територијата на Република Македонија. Не остануваат и нема да остануваат мигранти, туку само транзитираа во моменти кога беше функционална Западнобалканската рута – изјави Спасовски.

Според него, денес за Македонија се зборувало како за држава што не е атрактивна за поминување на мигрантите низ оваа рута, заради тоа што постојат сериозни контроли.

На стратешко ниво МВР е поставено со посебна оперативна обработка што е исклучиво во функција на намалување на илегалната миграција и трговија со луѓе и за тоа постојат показатели и податоци за разбиени организирани криминални групи. Во тој дел државата е добро поставена за да немаме каков било проблем од евентуално зголемување на мигрантскиот бран – изјави министерот Спасовски.

Тој нагласи дека земјава е многу добро поставена во делот на заштита на државните граници.

Многу е важно за справувањето со миграцијата, како и со другите глобални предизвици да се изградат заеднички политики и ние тоа го правиме, учествуваме на сите регионални иницијативи и генерално соработуваме во креирањето на политиката и на ЕУ. Само преку заеднички мерки и политики можеме да се справиме, бидејќи нема држава која со сопствени мерки и политика може да дојде до резултати. Се надевам дека овој предизвик е сериозно согледан од секоја Влада и во регионот и во ЕУ и оти заендички ќе направиме се зад аго заштитиме целиот регион – изјави Спасовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.