Јавноста со право е гневна поради бегството на Никола Груевски, кое отвора прашања и за пропусти, како и за способноста на полицијата, признава министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Tој вели дека не поседувале законски права да го следат поранешниот премиер. Со право јавноста негодува за бегството на Никола Груевски, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во новогодишното интервју за Независен весник.

Станува збор за човек кој е олицетворение на режим кој владееше во оваа држава 11 години. Многу неправди беа нанесени, многу човечки судбини уништени заради своеволието на овој човек. Но, истовремено, се уриваше и правниот систем во оваа држава. Нешто што е уништувано 11 години не може да биде изградено преку ноќ. Бегството отвори многу дилеми и се постави прашањето за постапките или можните пропусти и во Министерството за внатрешни работи. Отворањето на овие прашања е легитимно и имаат одговори, но за да зборуваме со отворени карти, ќе мора да ја почекаме истрагата на Јавното обвинителство.

На прашањето дали е можно безбедносните служби да немаат никакво сознание дека поранешниот премиер подготвува бегство при што биле вклучени и странски служби, Спасовски вели дека службите се особено внимателни при примената на ПИМ.

Службите располагаат со информации кои можат да ги прибават користејќи ги методите и средствата кои законски им стојат на располагање. Службите, и БЈБ и УБК, се исклучително внимателни при користењето и примената на посебните истражни мерки или други методи и средства и во ниту еден момент не посегнуваат по нелегално и противзаконско постапување, и законските одредби се јасни и ги даваат насоките за дејствување. Сознанијата со кои располагаме се споделени со Обвинителството и тие се дел од истрагата која е во тек. Се надевам дека истрагата ќе заврши наскоро и сите детали ќе бидат обелоденети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.