Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју на Националната телевизија одговори на прашањето за дојавите за бомби во осум скопски училишта, тема која го привлече вниманието на јавноста во текот на претходниот ден.

Спасовски изјави дека никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и додаде дека ова е сензитивна тема и без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Македонија.

Вчера имавме дојава во 8 училишта за наводно поставени бомби. Секако дека овие згради беа детално проверени од Одделот за антитероризам и утврдивме дека станува збор за лажни пријави. Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие меилови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас, ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Македонија, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека пред неколку дена се случи лажна дојава во ЈСП Скопје, а сега се случува во училиштата и ако станува збор за некаква политичка пресметка, таа не смее да се прави врз грбот на граѓаните.

Запрашан околу санкциите кон сторителите, министерот Спасовски повтори дека со оглед на фактот што во најмала рака станува збор монструозен чин, во кој се злоупотребени училиштата, имајќи ја предвид вознемиреноста на децата, родителите, но и граѓаните генерално, казните треба да бидат најстроги.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.