Решението за привремена забрана за работа на станицата е изречено од МВР на 26 ноември, а поради констатирани пропусти во работењето. На документот стои потписот на министерот Оливер Спасовски. Но, сознанијата до кои дојде „360 степени“ откриваат дека пропустите во станицата биле утврдени три и пол месеци претходно. Зошто толку се чекало?
По повеќе од еден месец од автобуската несреќа во Бугарија нема конечни одговори за причините за трагедијата во која згаснаа 45 животи.

Додека трае истрагата, компанијата „Беса транс“ остана без лиценца за работа, а привремено под клуч е и станицата во која автобусот го поминал последниот технички преглед.

„Привремено е затворена затоа што при контрола се најдени низа пропусти во работењето на таа станица за технички преглед“,

рече пред неколку дена шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска во гостување на МТВ.

Но, сознанијата до кои дојде „360 степени“ откриваат дека пропустите во работењето на станицата биле утврдени многу порано, уште во август годинава.

Зошто министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја потпишал забраната за работа дури три и пол месеци подоцна и тоа веднаш по трагедијата на автобусот на „Беса транс“?

Во село Глумово во Општина Сарај во Скопје се наоѓа станицата за технички преглед на компанијата „Виа-комерц“. Тука нецели два месеца пред трагедијата, технички преглед поминал и автобусот на „Беса транс“ кој изгоре на автопатот во Бугарија.

Денеска околу станицата беше раздвижено. Сепак, едно од лицата што го сретнавме во кругот на компанијата тврдеше дека нема прием на возила.

360°: Работите?
-Не. За што ви треба?
360°: Технички преглед?
-Техничкиот…техничкиот преглед не работи сега.
360°: До кога?
-Од среда ќе почнеме со работа.
360°: Оваа среда?
-Да.

ни рече лицето што го сретнавме во кругот на компанијата.
Решението за привремена забрана за работа на станицата е изречено од МВР на 26 ноември, а поради констатирани пропусти во работењето. На документот стои потписот на министерот Оливер Спасовски.

Но, сознанијата до кои дојде „360 степени“ откриваат дека пропустите во станицата биле утврдени три и пол месеци претходно. Според официјалниот записник, овластени лица од Министерството за внатрешни работи спровеле надзор во станицата на компанијата „ВИА КОМЕРЦ Џемаљ“ на 12 август 2021 година.

При надзорот, констатирани се серија неправилности поради што надлежните служби во Бирото за јавна безбедност на 25 август 2021 година носат предлог за забрана за работа, со рок од 30 дена во кој станицата треба да ги отстрани пропустите.

Од увидот на лице место и во снимениот материјал за извршени технички прегледи, меѓу другото, било утврдено дека во контрола на возила во станицата учествуваат нестручни лица.

„Констатирано е дека во постапката на технички преглед … врши проверка … и лицето Е.Д. …, кој е ученик во АСУЦ ’Боро Петрушевски’ …, кој во станицата е дојден со договор за феријална практика. Исто така, возилата при вршење на технички преглед се управуваат од управителот на правното лице Ј.Н., кој не е контролор во станицата за технички преглед и не ги исполнува условите за контролор…“ се вели во решението на МВР.

Во записникот понатаму се констатира:

„На овој начин … се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата,“

се вели во решението на МВР.
Дополнително, било утврдено и дека станицата не води регистар на возила за направените прегледи.

„Во наведената станица … не се водат потребните евиденции … односно не се води:
-Регистар за извршен технички преглед на возила,
-Регистар за извршен технички преглед на возила по наредба на полициски службеник,
-Регистар за издадени потврди за извршен преглед на техничка исправност на возила“, стои во решението на МВР.

Неправилностите утврдени од контролата на 12 август послужиле како основа за предлог за забрана за вршење на технички преглед, документ кој бил изготвен од надлежните служби во МВР на 25 август. Но, решение за забрана не било потпишано, па станицата на ВИА-комерц продолжила непречено да работи. На 5 октомври, во станицата дошол и поминал технички преглед и автобусот на „Беса транс“. На 23 ноември истиот автобусот се запали во Бугарија при што загинаа 45 лица. Само три дена подоцна, на 26 ноември, министерот Спасовски потпишува решение со кое става клуч на ВИА-комерц на 30 дена, а одлуката е образложена со надзорот и предлогот од август.

Целиот натпис на 360 степени

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.