Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, истакна дека иако досега јавноста виде дека МВР на Спасовски и Заев издало македонски пасоши со лажни идентитети на лица членови од српската мафија, црногорската, италијанската, шпанската, турската мафија и многу други, аферата „Мафија“ има ново продолжение.

Имаме информации дека македонски пасош издаден од МВР во 2018 година има и косовскиот државјанин Фитим Дема, член на радикалната терористичка група ИСИС. Тој бил баран со потерница од приштинскиот суд за одлежување на затворска казна, но на непознат начин успеал да стигне во Македонија и од Македонија да добие македонска патна исправа со лажен идентитет. Давањето на македонски пасоши на лица, припадници на ИСИС како терористичка организација не само што ја загрозува безбедноста на Македонија и регионот туку ги загрозува и интересите на сите земји членки на НАТО и ЕУ. Ваквото делување не можело да помине без знаење на највисоките раководни структури во МВР – истакна Милошоски.

Тој додава дека поседуваат информации дека Спасовски и МВР овозможиле да се крадат идентитети за да се даваат вакви пасоши на лица кои што се борци во Сирија, членови на терористичката група ИСИС.

Во февруари 2019 година на пристаништето во Валона бил уапсен Фитим Дема, косовски државјанин кој што бил уапсен со македонска патна исправа. Инаку во Сирија бил познат како еден од најблиските соработници член на Љавдрим Мухаџери, еден од најпознатите членови на ИСИС и на оваа терористичка организација од регионот. Фитим Дема бил баран за издржување на затворска казна за учество во терористичка група и учество во странска војска од страна на судот во Приштина. Во март 2018 година им побегнал на косовските власти. И во 2018 година исто така успеал да извади македонски пасош со лажен идентитет. За што сметаме дека не можело да се случи само со знаење на шалтерски работници, морало некој и од повисоките раководни структури да му овозможил на овој терорист од регионот кој што учествувал во борбите во Сирија да добие македонски пасош.

 

Откако добил македонски пасош намерата му била со траект преку Валона да замине за Бриндизи во Италија. И тогаш благодарение на препознавањето од страна на граничната полиција на Албанија е уапсен и е констатирано дека има македонска патна исправа. За што албанските медиуми многу на долго и на широко пишуваа во текот на 2019-тата година. Така што дури и во 2018 година министерот за внатрешни Спасовски да не знаел за издавањето на пасош на овој терорист, можел преку јавно достапни информации да го дознае тоа во 2019 година – потенцира Милошоски.

Милоски потенцира дека во периодот кога терористот од ИСИС добива македонски пасош, на чело на МВР бил Оливер Спасовски.

Да го потсетиме министерот дека во 2018-та година кога Фитим Дема, терористот од ИСИС добива македонски пасош, министер е Оливер Спасовски за да не се збуни да не наведе друг министер во тоа време.

 

Исто така во 2019 година министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски кога албанските медиуми на големо пишуваат дека е уапсен Фитим Дема, терорист од ИСИС кој што поседува македонска патна исправа.

 

Во нормална држава ќе се броеја часовите или деновите кога министерот за внатрешни работи после еден ваков голем скандал ќе си поднесеше оставка. Но, во Македонија гледаме дека наместо одговорност за скандалот „Мафија“, испаѓа дека мафијата си има своја држава и никој не поднесува одговорност. Сметаме дека сите оние театри кои што се прават со заплени на путер, и некаква си бледа корупција, се погазени со оваа афера „Мафија“ каде што македонски пасоши со украден идентитет од македонските граѓани добивале светски убијци, мафијаши, нарко – босови, терористи и луѓе познати со трговија со дрога.

 

За тоа сметаме дека мафијата на Спасовски и Заев ја претворила Македонија во логистички центар во сива зона каде што сите оние кои што имале намера да му избегаат на Интерпол или на нивните држави каде што биле барани со потерници нашле не само прибежиште туку и бесплатна патна лажна исправа за да можат да се заштитат – истакна Милошоски.

Како што вели Милошоски, од овие причини, неговиот апел е што побрзо да има оставка од страна на министерот за внатрешни работи бидејќи издавање на македонски пасоши на познати терористи, членови на ИСИС ја загрозува безбедноста на Македонија, безбедноста не регионот и е спротивно на безбедносните интереси на членките на НАТО и на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.