Министерот Оливер Спасовски учествуваше на Интернационалниот Биатлон форум – Скопје 2022, кој оваа година се одржа под работен наслов „Родовата еднаквост на жаната во спортот – можности и предизвици“. Спасовски зеде учество во дискусиите на панелот „Уривање на стереотипите во спортот, професијата, родовата еднаквост“, заедно со министеркатата за одбрана Славјанка Петровска, директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, претседателот на Олимпискиот комитет Даниел Димевски и советникот за спорт на претседателот на Владата на Република Македонија Силвија Митевска.

Министерот потенцираше дека актуелното раководство на МВР во изминативе неколку години докажа дека волјата за постигнување на родова еднаквост во министерството за внатрешни работи не е предмет на дискусија.

„Бевме упорни и посветени во секојдневното создавање на подобри услови, сѐ до постигнување на целосна правична застапеност и родова еднаквост. Ценејќи ги интуитивноста, епматичноста, развиеното чувство на претпазливост и одговорноста на жените во полицијата, како дел од уникатните карактеристики кои ја создаваат додадената вредност што ја имаат во работната средина и во општеството во целост, можам слободно да кажам дека придонесовме во последниов период многу работи да се придвижат во МВР. Сведоци сме дека од година во година се зголемува бројот на жени генерално, но и на оние кои се на раководни позиции, не само во рамки на МВР, туку и во делот на работењето на БЈБ. Со секоја генерација се зголемува и бројот на жени-кандидатки кои се пријавуваат на конкурсите и се упатени на обука за полицаец по извршена селекција“, истакна министерот Спасовски.

Министерот Спасовски образложи дека сето ова е резултат на големиот акцент кој се става на родовиот аспект и родовите прашања во Министерството, како и на мерки и активности поврзани со поттикнување на родовата рамноправност што раководството на МВР ги презема од 2018 година, кои се нотирани и во Извештајот за напредокот на состојбата за еднаквите можности на жените и мажите.

„За првпат беше имплементиран родовиот концепт при подготовка на службениците во Одделот за специјални полициски операции, преку изготвување, одобрување и примена на правни прописи за проверка на физичката подготвеност на полициските службеници кои за првпат се родово сензитивни. Сега веќе зборуваме и за родово сензитивна постапка на селекција на кадри при прием на кандидати за основна обука за полицаец во МВР, особено во делот за исполнување на критериумите за моторички способности. Имплементиран е систем на еднакви можности на жените и мажите при стручно усовршување, што подразбира родово-разделени податоци за евиденција на стручните усовршувања на вработените и слушателите на основна обука за полицаец, како и охрабрување за номинирање на жените на разни видови на стручни усовршувања кои се спроведуваат во земјава и во странство“, образложи министерот Спасовски.

На прашање дали жените во полицијата се соочуваат со дискриминација или непочитување на авторитетот само заради тоа што се жени и колкав е бројот на жени застапени во полицијата кои се активни на терен, министерот Спасовски потенцираше дека ова раководството на МВР е сосема свесно дека општеството се движи напред само со еманципирани, економски силни и самостални жени и девојки.

„Министерството води политика на еднаквост и се бори за целосна елиминација на дискриминацијата во сите нејзини облици. Паралелно со позитивните политики кои ги спроведуваме, при селекцијата на кандидати за конкретните работни места, согласно природата на работата и работните задачи во Министерството, комисиите се раководат од барањата за потребна стручна квалификација која треба да ја поседува одреден работник или работничка, односно исклучиво од аспект на стручност, компетентност, интегритет и останати професионални и персонални квалификации. Истото се однесува и за зголемувањето на бројот на жени на раководни позиции, а жените редовно се охрабруваат да покажат уште поголем интерес за раководните места, чија улога е извонредно важна во полициското работење“, објасни министерот Спасовски, додавајќи дека покрај во МВР, и во рамки на БЈБ континуирано се зголемува бројот на полициски службенички кои се раководителки на Оддели, помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици и на полициски одделенија, а жени се вклучени во во Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Хеликоптерската единица, што порано не било случај.

Спасовски, на прашањето за новиот Колективен договор за вработените во МВР кој по многу ставки е револуционерно позитивен за спортистите и жените во МВР ги презентираше дел од придобивките кои ги добиваат вработените во МВР со него.

„Во него се предвидени и низа новини кои ги усвоивме заедно со репрезентативниот Македонски полициски синдикат, а со оглед на тоа што доаѓаат од самите полициски службеници, членови на синдикалната организација, уверен сум дека заедно со останатите мерки кои ги спроведуваме, ќе придонесат за подобрување на материјално-социјалните услови на сите вработени. Покрај наградите во вредност од 150 евра за ментори за успешно спроведена менторска програма, јубилејната награда во износ од половина просечна плата за работен стаж од 10 години во МВР, исплата на средства во износ од 20 отсто наменети за храна за оние кои работат ноќе и исплата во износ од 5 проценти на час за домашно дежурство, мерка за која исплатата за месец јануари 2022 за 1.008 колеги во МВР беше реализирана заедно со платата за месец февруари, за жените вработени во МВР кои ќе се реализираат како мајки, предвиден е паричен надомест во висина од 100 евра во денарска противвредност за секое новородено дете. Покрај ова, за првпат во Министерстото, вработените кои го претставуваат Министерството и државата или се дел од државна спортска селекција или репрезентација, се ослободени од работа додека трае спортскиот настан (платено отсуство), за разлика од претходно, кога вработените беа принудени да користат дел од годишен одмор или слободни денови за оваа цел“, истакна на крај министерот Спасовски, додавајќи дека овие измени се направени поради фактот што спортот претставува култура на живеење која промовира здрави навики, а спортистите се наши најголеми амбасадори кои придонесуваат за институционално и за општествено промовирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.