Со оглед на тоа што борбата против организираниот криминал е предизвик на 21. век, а неговото влијание се наметнува во сите сфери на општеството, успешното справување со овој феномен е неопходно и бара сериозен пристап од страна на сите институции надлежни за спроведување на законот. Безбедносните закани со кои се соочувамe се слични не само со заканите во земјите од Балканскиот регион, туку и со земјите од ЕУ и САД, што наложува и нови форми на соработка и дејствување на меѓународно ниво.

Ова меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на отварањето на семинарот „Меѓуресорска соработка во справување со насилен ектремизам и борба против тероризам“ во организација на Канцеларијата за соработка со одбраната при Амбасадата на САД и Националниот комитет за борба против тероризам и насилен екстремизам.

Во земјава, додаде Спасовски, постојат цврста политичка волја и јавна свест за интензивна и континуирана борба против транснационалниот организиран криминал и, во овој контекст, од страна на државата се прават напори, со поддршка и соработка од меѓународните институции, за развој на ефикасна правна рамка и воспоставување на специјализирани институции за сузбивање на овој вид на криминал, како и за побрза и поефикасна размена на информации на билатерална и мултилатерална основа, што е од особено значење.

Како што соопштуваат од МВР, во оваа институција во тек се интензивни процеси за зајакнување на институционалните капацитети на специјализираните единици, со развој и имплементација на методологија на работа, стандарди и континуирани обуки. Министерството ја препозна потребата од изнаоѓање на квалитетен механизам за борба против најголемата закана на 21. век – тероризмот, поради што во Бирото за јавна безбедност, во рамки на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал функционира специјализирана Единица за сериозен криминал и тероризам.

Предизвиците со кои се соочуваме во насока на сузбивање на транснационалниот организиран криминал, од година во година стануваат сè покомплексни и наложуваат продлабочување на меѓународната соработка помеѓу земјите од регионот, но и пошироко, особено во делот на меѓународната правна помош. За поефикасна борба со овој феномен во 2017 година беше воспоставен Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, како надлежно тело за градење на стратегии, координација на активностите помеѓу значајните субјекти во делот на рана идентификација, спречување, па сè до гонење и санкционирање на сторителите. Во таа насока, во месец април 2018 година усвоени се и двете национални стратегии со акциски планови за реализација на стратешките цели, и тоа за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, рече Спасовски.

Според министерот, двата стратешки документа се развиени на заеднички водечки принципи и стратешки цели, кои се во функција на безбедноста и сигурноста на граѓаните, владеење на правото и демократските вредности и градење на инклузивни институции.

На полето на борбата против тероризмот, додаде министерот Спасовски, Македонија има силна соработка со земјите од регионот и меѓународната заедница, како и стратешките партнери – ЕУ, Советот на Европа, САД, НАТО, ИОМ, ОБСЕ и други меѓународни организации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.