Доцна попладнево, нешто по 19 часот, успешно се спасени изгубени семејства од странство во два автомобила, коишто заедно со четири деца залутале во Мариово и заглавиле со возилата заради лошите временски и патни услови во планина, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Акцијата за лоцирање, пронаоѓање и спасување е извршена преку дежурните оперативци во Центарот за управување со кризи на 112 во содејство со Дежурниот оперативниот центар (ДОЦ) на ЦУК и Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Велес, а во координција со дежурните од Министерството за внатрешни работи (МВР ЦИК) за тој регион“, велат од ЦУК.

Семејствата залутале, а потоа и заглавиле на планински пат со возилата, сакајќи да го заобиколат патот Росоман – Прилеп, кој поради голем одрон и поплава денеска со часови беше затворен за сообраќај.

„Околу 16,00 часот е примен повик на 112 и дежурните оперативци од трите регионални центри за управување со кризи се поврзани со лицата коишто биле заглавени на планински пат помеѓу Рожден и Витолиште, во мариовскиот крај, каде што е границата меѓу неколку општини. Акцијата за лоцирање и пронаоѓање на изгубените семејства и заглавени на лош пат ја продолжил РЦУК Велес, од каде што постојано се комуницира со изгубените на којшто им е наложено да чекаат помошта да дојде после нивното лоцирање, за што ќе треба повеќе од два или три часа. Според добиените информации, семејства во два автомобила, заради одронот што беше на патот Росоман – Прилеп тргнале по друг пат за да го заобиколат одронот и заглавиле, за нив во непознат предел, а на лош пат, уште повеќе расипан од врнежите во тој крај. Се работи за две возила, од кое едното е од Литванија. Во возилата, во кои имало петмина возрасни и четири деца. Двете возила биле заглавени независно едно од друго на растојние од 100 до 200 метри“, се вели во соопштението од ЦУК.

По неколку часа теренско возење, искусниот тим на МВР ги пронајде во 19.15 часот и по објавувањето на оваа информација, се очекува за неколку часа тие да бидат извлечени, живи и во добра здравствена состојба, се додава во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.