Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија најостро ги демантира и отфрла како дезинформација објавеното во дел од медиумите за наводното прикривање на вработени лица во Службата како новинари при посетата во Софија, Република Бугарија заради одржувањето на заедничката седница на Владите на Република Македонија и Република Бугарија – стои во соопштението испратено од Влада.

Според нив шесте вработени лица во СОЗР при посетата во Бугарија присуствувале, како што велат, заради извршување на работни задачи – организација и поддршка на активностите на нашата делегација, во која биле и медиумски претставници, на заедничката седница помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија.

-СОЗР информира дека согласно заклучокот од 4-та седница на Владата на Република Македонија одржана на 20.01.2022 година, Службата е задолжена да ги преземе сите потребни активности и координација во врска со сместувањето и превозот на новинарите кои ќе присуствуваат/известуваат на заедничката седница помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија, која ќе се одржи, односно од оваа временска точка, веќе одржана на 25 јануари 2022 година, а со вакво задолжение Службата е задолжена врз основа на Одлуката за нејзиното основање, каде се регулирани и уредени нејзините надлежности. Оттука, дезинформација е дека шесте вработени лица во Службата на посетата во Бугарија биле прикажани како новинари, истите присуствуваа заради извршување на работни задачи согласно наведениот заклучок на Владата, и за истите не е направен дополнителен трошок. Службата бара во целост да го објавите овој демант и да ја повлечете изнесената дезинформација – стои во соопштението од Служба за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.