Општинскиот оперативен штаб (ООШ) на Дебар, со кој раководи градоначалникот Хекуран Дука, на денешната средба откако ја разгледа епидемиолошката состојба со Ковид-19, во општините Дебар и Центар Жупа, ја оцени како многу сериозна, исто како и на државно ниво, инфомираа од ООШ Дебар.

Правејќи преглед на состојбата во втората фаза од болеста, поточно од петти јуни, кога повторно се врати на ова подрачје, според вчерашните официјални податоци, со Ковид-19 биле заразени 269 лица од двете општини.

Од оваа бројка во здравствени установи во Скопје биле хоспитализирани 80, од кои 62 ја добиле битката со опасниот вирус, ја загубиле 13, додека 5 и понатаму се на болничко лекување. Од 189 пациенти кои биле на домашно лекување 169 оздравеле, додека 20 се сеуште активни, информираа од штабот.

Од таму додаваат дека ситуацијата ескалира и мора строго да се почитуваат превентивните мерки.

Ги замолуваме граѓаните, институциите, деловните субјекти строго да ги почитуваат протоколите со единствена цел да се прекине ланецот на инфекција. Не бараме многу, носете заштитна маска, одржувајте дистанца и хигиена, вршење дезинфекција. Со тоа се заштитувате себе си, своите најблиски, соседите, пријателите, апелираат од штабот.

Инаку, во првата фаза од болеста беа регистрирани 51 заболен, од нив 47 оздравеа, додека четворица починаа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.