В.д. директор на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, д-р Жанета Сервини, испрати уште еден демант дека ученици од средното техничко уличиште биле во Бугарија со неа и со заменик директорот и дека се поддржувачи на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“.

Нејзиното соопштение ви го пренесуваме во целост:

Би дала дополнително соопштение во врска со дезинформациите изнесени од страна на некои медиуми и од страна на СДСМ во врска со нашата посета во Бугарија.

Според тие невистинити информации со нас наводно биле присутни ученици од техничкото училиште од Битола кои наводно биле поддржувачи на здружението Ванчо Михајлов и присуствувале на некои предавања.

Како в.д. директор и пред се како наставник ја осудувам злоупотребата на младите за дневно-политички цели со ширење на лажни вести. Иако веста можела да се провери, во етерот е пратена со сензационалистичка содржина и лажни тврдења.

Објавените информации апсолутно се невистинити, бидејќи во посета од нашето училиште бевме само јас и помошникот директор на училиштето, а целта на посетата беше реализација на средба за иницирање на можна соработка во рамките на Еразмус+ програмата, бидејќи како училиште до сега немаме искуство со Еразмус+ проекти, какви што имаат реализирано други основни и средни училишта од Битола.

Би навела и тоа дека соработката на нашето училиште со Бугарија започна уште во времето на СДСМ, кога Градоначалник беше г-ѓата Наташа Петровска, а директор на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ г-динот Владимир Роме. Во тоа време бугарското МНР, преку бугарскиот конзул во Битола, на училиштето му донираше над 125.000,оо евра за реновирање на кровот.

Одговорно тврдам дека наша единствена цел е да работиме максимално посветено за развој и напредок на училиштето и за создавање на позитивна клима за работа помеѓу вработените, што сметам дека успешно ја остваруваме. Нашето училиште гради пријателски односи со целиот демократски свет во интерес на имплементирање на европските вредности.

Повторно нагласувам дека ученици од Техничкото училиште од Битола не допатуваа во Софија и никој нема право да го загрозува угледот и интегритетот на менаџерскиот тим, пласирајќи невистини. Остро го осудувам манипулирањето со лажни информации и се надевам дека тоа во најскоро време ќе престане и вакви недоразбирања во иднина повеќе нема да се случуваат.

Објавата од 27 октомври на интернет страницата на бугарската фондација предизвика бурни реакции во Македонија, пред се̍ затоа што македонски студенти беа етикетирани како истомисленици на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола.

Портпаролот на СДСМ Дарко Каевски го нарече скандал на ВМРО-ДПМНЕ поврзан со бугарскиот клуб Ванчо Михајлов и обвини дека кадри на ВМРО-ДПМНЕ носат малолетни деца на средби со финансиерот на Ванчо Михајлов.

ВМРО-ДПМНЕ му одговорија дека СДСМ, во немоќ и очај, упорно шири лажни вести и на најчувствителни теми за Република Македонија во овој момент, злоупотребувајќи ги и најмладите.

Целта на СДСМ е да го намали значењето на пораката која ја испраќа ВМРО-ДПМНЕ за обединување на македонската јавност за стратешките национални интереси на државата. Со ваквите гротескни лаги СДСМ сее збунетост и раздор меѓу населението, со што токму така, им штети на македонските национални интереси. Ве повикуваме да не подлегнувате на лажните вести и сите заедно да опстоиме во одбрана на нашето, кое насилно сакаат да ни го одземат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.