Компанијата „ОПЕН МАЈД СОЛУШНС ДООЕЛ – СКОПЈЕ“ во која еден од сопствениците е Маја Макрадули, сопруга на заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, по доаѓањето на СДСМ на власт добила тендери со вредност од 5.417.808 денари (88.094 евра), јавува Лидер.мк.

„ОПЕН МАЈД СОЛУШНС ДООЕЛ – СКОПЈЕ“, според податоците во Централниот регистар, е компанија која се занимава со изработка и одржување на софтвер. Формирана е во 2010 година и има четири сопственици. Како сопственици се јавуваат 46-годишниот Дарко Мадевски, 42-годишниот Ласко Касапинов, 70-годишниот Аксенти Грнаров и 43-годишната Маја Трендафилоа – Макрадули.

Генералната слика на завршните сметки на компанијата покажува дека во просек компанијата годишно има прилив од околу 10 милиони денари, но за „ОПЕН МАЈНД“ работите рапидно се менуваат по доаѓањето на СДСМ на власт. Само за година ипол, надвор од стандардните припања – компанијата добила тендери во вредност од 5.417.808 денари, односно сума која дава зголемување за повеќе од 50 отсто на просечните примања на компанијата.

По доаѓањето на СДСМ на власт, оваа компанија има добиено вкупно девет јавни набавки од кои три се добиени без тендер или електронско надавање, во четири очи.

Двата најскапи тендера, фирмата на сопругата на Макрадули ги добила од „Јавно претпријатие за државни патишта“, за истата намена „Превентивно и адаптивно одржување на ЕРП софтвер во времетраење од две години“. Едниот е во вредност од 2.265.600 денари а другиот тежи 1.038.400,00 денари.

„ОПЕН МАЈНД СОЛУШНС“, во четири очи добивала набавка од „Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој“. Во три наврати, во изминатиот период се склучил договор за „Адаптивно, односно превентивно одржување на софтверско решение за сметководство и исплати, во делот на мониторинг и ревизија“. Сумите за овие договори варираат од 350.000 до 600.000 денари.

Клиенти на фирмата на фирмата на Макрадули биле и од „Национална агенција за европски образовни програми и мобилност“ која ја води Лидија Димова, поранешна колешка на Јани Макрадули во Собранието и „Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија“.

Вкупно, од сите овие институции, „ОПЕН МАЈНД СОЛУШНС“ инкасирале околу 90.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.