Нема причина зошто распустот да почне порано и да се крати од наставата, затоа што нема драстичен раст на бројките на позитивни наставници и ученици во училиштата, истакна вчера министерката за образование и наука Мила Царовска.

За да може да зборуваме за поран распуст треба да имаме аргументи зошто тоа би го направиле, зошто дополнително би им скратиле настава на учениците, којашто во континуитет се одвива, без да има ескалација на заразени во училиштата. Под 1 процент од вкупниот број на наставници се позитивни а помалку од 0,06 проценти од учениците. Тоа укажува дека согласно планот по кој се одвива наставата од први октомври, наставата треба да продолжи, се додека состојбата не се промени драстично, рече Царовска на ТВ24.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, пак, вчера посочи дека состојбата во образованието е алармантна.

Бројките, кои успеавме да ги собереме говорат дека над 1.000 работени во училиштата се заразени, односно се во изолација. Ова прашање мора да се анализира од аспект на безбедност и заштита, а најмалку од се треба да се води политика. Овој моментално концепт е функционален и препораките се издржани, но бројките кажуваат дека имаме голем број на заразени, што го прав најмалку важен фактот кој каде се заразил. Да потсетиме дека има и такви кои не се пријавуваат дека се заразени, рече Неделков.

Според Царовска, не треба да се бројат сите заразени наставници, туку само оние што држат физичка настава, а според последниот извештај бројката на тие наставници е 280. Министерката ги негираше тврдењата на СОНК дека во моментот има над 1.000 заразени наставници.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска велат дека партиските директори на училиштата поставени од СДСМ одбиваат да дадат точни податоци за заболени наставници и ученици, како и продолжуваат да ги кријат и не ги пријавуваат новозаболените, според нив, веројатно од страв да не се налути Царовска.

За време траење на корона-кризата во светот училиштата први се отвораат и последни се затвораат, но не со 40 смртни случаи дневно, исто како во Бергамо. Министерката знае дека бројките и се неточни има многу повеќе заразени од коронавирус меѓу наставниците, отколку што се дрзнува да вели дека ситуацијата била одлична во образованието, велат од ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека ќе беше поинаку доколку Царовска се соочеше со претставник од нивната партија каде ќе можеше да се соочи со аргументите кои се релевантни, наместо лажните бројки и манипулацијата со јавноста.

Додаваат дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за распуст од 15-ти декември е заради состојбата во која се најде образованието и политиките на власта кои одат дотаму да ги навредуваат вредните образовни работници, а мака мачат да образуваат во вакви услови.

Власта наместо да набави компјутери за сите наставници и ученици уште за време на летниот распуст, ги пушти и наставниците и учениците во најголем пик на пандемијата без услови за образовен процес.

Со политиката виновни се наставниците што не сакаат промени и лажните бројки Царовска исто како и Филипче ќе се закопа во сопствените лаги и неспособноста која ја прикажува.

Мила Царовска да престане да лаже и да го каже точниот број на заболени во образованието, лажните бројки се на штета на илјадниците семејства кои секојдневно имаат последици од коронавирусот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.