Огромен дел од училиштата немаат обезбедено технички средства за следење на онлајн настава, покажува анализта што ја направи Синдикатот за образование и наука-СОНК, но ресорното Министерство вели дека се прават сите неопходни подготовки за успешен старт на учебната година од 1. октомври.

На работниот состанок во ова скопско основно училиште присуствуваше и претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој посебно нагласи дека е можно учебната година да не започне на 1.октомври, ако наставниците немаат соодветни услови за работа

Стојам зад изјавата што ја дадов. Таа се темели врз основа на нашите сондажи кои доаѓаат од училиштата и врз основа на Законот за работни односи каде се вели дека работодавачите се обврзани да обезбедат услови за работа на работниците. Доколку не би имале што да работиме, како и би работеле. Логично е прашањето, логичен е и одговорот, изјави Неделков, изразувајќи надеж дека процесот на подготовка ќе заврши навреме.

Според министерката за образование и наука, Мила Царовска, платформата за учење од далечина не бара некои посебни перформанси за да биде ставена во функција во секое училиште, а истовремено нагласи дека таа е достапна не само на компјутери, туку и на смарт телефони и таблети.

Царовска изјави дека наскорто се очекува Националната платформа да биде тестирана во училиштата.

Помина обуката на националните тренери. Секој од нив обучи по 40, што значи обучени се околу 1.600 наставници коишто сега ја спуштија обуката во самите училишта. Од денеска се спуштаат корисничките имиња или лозинките за пристапување на учениците кои ќе бидат доставени до директорите и тие треба да ги спуштат на ниво на одделенија за да може полека да влезат во тестирање на платформата и нејзино оптеретување со цел да ги видиме перформансите. Секако дека многу предизвици стојат пред нас и дека учебната година ќе биде отпочната со надеж дека понатаму ќе можеме да движиме кон она кое што сме го планирале, истакна министерката која денеска беше во работна посета во основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во скопската општина Кисела Вода.

Таа повторно нагласи дека за оние ученици кои немаат услови да ја следат наставата онлајн, ќе бидат емитувани 15-минутни емисии на Македонската телевизија, а што се однесува до епидемиолошката состојба, Царовска останува на ставот дека доколку има промена, ќе се прават прилагодувања во тек на училишната година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.