Собранието на денешната 32. седница со консензус го донесе дополнетиот Предлог на закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Исто така пратениците со 50 гласа „за“ и 23 „воздржани“ го донесоа Дополнетиот предлог на Закон за рамномерен регионален развој. За двата закони на претходните продолженија на пленарната седница заврши расправата.

Дополнетиот предлог на Закон за рамномерен регионален развој е донесен со поддршка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која беше во салата и гласаше воздржано. Никола Мицевски, координатор на пратеничката група рече дека тие ќе гласаат воздржано со што ќе се овозможи донесување на законот, истакнувајќи дека за овој закон се прифатени три нивни амандмани со што е одобрено законското решение.

Собранието имаше кворум за работа, но владејачкото мнозинство немаше доволен број пратеници за гласање така што за дел од законските решенија и извештаите за кои заврши рассправата ќе се гласа дополнително.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2019 година Зоран Трајчевски пред пратениците рече дека Владата од формално-правен аспект нема право да дава мислење за работата на АВМУ, и дека клучни нивни активности во 2019 година биле следењето на изборната кампања, организација на Денови на медиумска писменост, и активностите што ги имаше АВМУ поврзани со проблемите и начинот на функционирање на 1ТВ.

Формално – правно Агенцијата дава отчет пред Собранието и Владата не е таа која дава мислење. Таа пракса се обиде да ја наруши Владата последен пат 2017 година и престана. Еве две години подоцна повторно продолжува со истата пракса. За содржината на самото мислење, кое што кажува дека е негативно во однос на почитувањето и спроведувањето на член 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, сакам да нагласам дека ставот и активностите, позициите на Агенцијата во однос на член 143 се јавно изнесени и Агенцијата регираше минатата година кога неколку секунди пред распуштање на претходниот состав Собранието во десетина секунди направи чудна измена на член 143. Нашиот став е идентичен со одлуката на Уставниот суд. Најмалку што очекував е дека Владата по одлуката на Уставниот суд во декември минатата година, ќе го повлече барањето бидејќи на ваков начин мислењето на Владата е спротивно на одлуката на Уставниот суд, истакна Трајчевски.

Директорот на Државниот завод за ревизија Максим Ацевски го презентираше Извештајот за 2019 годин потенцирајќи дека таа година се извршени 54 ревизии, објавени се 90 ревизорски извештаи и контактирано е со 174 субјекти, што споредено со претходниот период е зголемување.

Седницата беше прекината по разгледување на годишни извештаи на неколку државни институии. Претседателот на Собранието ја прекина 32. Седница а продолжението ќе биде дополнително закажано. Утре во 11 часот ќе се одржи редовната седница за поставување пратенички прашања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.