Собранието работи на барање алтернативен начин за одржување седници во вонредни услови, односно онлајн седници и гласање поврзано со пандемијата со Ковид-19, состојбата која според последните проценки ќе потрае и следните две години.

Собранискиот претседател Талат Џафери на брифинг со новинарите истакна дека за утврдување на таквиот алтернативен начин на работа ќе бидат потребни два до три месеци, па сега засега седниците ќе се одржуваат во салата со купола, а гласовите ќе се бројат рачно.

Како претседател на Собранието обврзан сум да размислувам за функционалноста на Собранието и во редовна ситуација и во вонредна ситуација и затоа на првите средби на координација ја изнесов идејата за размислување по однос на алтернативните можности за работа на Собранието. За жал, таа идеја се искористи да се спинува како обид на мнозинството, на претседателот за да се одбегне редовната работа на Собранието и со тоа да се надополни недостигот можен на кворум и со тоа фактички од дома да можат да работат пратениците. Не, не е таа идејата – потенцираше Џафери.

Според него, основната идеја е Собранието да работи во нормални услови како што е пропишано, но факт е дека во овие три децении немаме пропишано работа на институцијата и функционирање на институцијата во вонредни услови.

Пандемијата ни покажа дека е неопходно да се има во предвид и алтернативна можност за работа во такви услови. Денес е пандемија, утре може да биде друга причина за алтернативна работа на Собранието, задутре може да има трета причина – може да биде пожар, може да биде земјотрес, може да биде не знам што, кое ќе предизвика вонредна состојба и во такви вонредни околности како ќе работи Собранието, кај ќе работи Собранието. Затоа велам дека алтернатива за функционалност на институцијата, за институцијата, за граѓаните треба да имаме, а не никако како што се обидува тоа да го пренесат и да го претстават како обид на мнозинството да се надополни можното немање кворум – потенцира Џафери.

За в понеделник е предвидена собраниска седница на чиј дневен ред ќе биде избор на составот на работните тела на Парламентот, а потоа и верификација на мандат на пратеник на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Во Собранието досега се пристигнати законските предлози на Владата за основно и средно образование, како и петте одлуки за вонредната состојба од претседателот на државата Стево Пендаровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.