Собранието денеска на продолжение на 88-та седница донесе измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, и на Законот за Законот за политички партии, на предлог на СДСМ, по скратена постапка.

За измените на Законот за здруженија и фондации „за“ гласаа 67 пратеници, ниту еден против и воздржани, а ист број пратеници гласаа „за“ и за Законот за полититички партии, без ниту еден против и воздржани.

Во образложение за измените на Законот за здруженија и фондации, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи рече дека во последните осум месеци сме сведоци за обиди на ревидирање и извитоперување на историските вистини во државата.

Човештвото се уште носи лузни од геноцидот и етничкото чистење, расизмот, антисемитизмот и ксенофобијата, а меѓународната заедница како и сите ние имаме голема одговорност во спречување на овие зла. Страшната вистина за фашизмот и нацизмот мора сите заедно да ја браниме од оние коишто ја негираат. Мора да ја зајакнеме моралната и политичката посветеност на нашата влада и институциите за да обезбедиме можност идните генерации да ги разберат причините за пандемијата на омраза и лудилото од Втората светска војна, во која Македонија даде повеќе од 25 000 жртви, од кои 7 144 Евреи – рече Мизрахи.

Токму од овие причини, додаде Мизрахи, денеска ќе донесеме мал, навидум незначителен закон, што ќе биде употребен за да го заштити антифашистичкото минато, и историската вистина на нашата земја.

Пратеничката Соња Мирковска од НСДП рече дека во потполност го поддржуваат предлогот на опозицијата за измените на овој закон.

Како владејачка партија учествувавме во изработката на овој закон за да стане пооперативен и практично го носиме заедно. Сметам дека после се она што се случуваше е исклучително важно да се оградиме од таквите случувања, да не дозволиме да ни се формираат такви здруженија во државата, и ова е начинот како може да се стави браната – рече Мираковска.

Во образложението за измените и дополнувањата на Законот за политички партии, пратеничката од СДСМ Снежана Калевска Ванчева рече дека и двата закона имаат една иста цел.

Таа цел произлегува и од членот 20 од Уставот, но се надополнува на она што значи предизвици на новите времиња, што придонесуваат да се создаде потребата од ваквите измени, и целта на предлог законот што содржи две одредби зголемување на транспарентоста и дистанцирање од се она што значи фашизам, нацизам, национал-социјализам и гарантирање на правната сигурност на граѓаните, својствени на една демократска, цивилизирана и правна држава.

Предложените законски измени на двете партии успедија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. Пратениците на 17 октомври дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Со усвоените измени и дополнувања, во Законот за здруженија и фондации членот 4, став 2 се менува и гласи „Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица“.

Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по кој било основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх, стои во новиот став во членот 8 од Законот.

Според Законот, за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира самиот министер.

Во преодните и завршните одредби на измените и дополнувањата на Законот е наведено дека организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно одредбите од овој закон, пред Централниот регистар. Здруженија и фондации регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат одредбите согласно став 1 од овој член, се бришат од Регистарот, за што министерот за правда донесува одлука. Министерот за правда е должен да донесе одлука за престанок на истите, во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на овој закон.

Со измените, пак, на Законот за политички партии, ќе се овозможи поголема транспарентност, како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава, стоеше во предложениот текст.

Со членот 1 се допрецизира одредбата за програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии да не можат да бидат насочени разгорување на национална, расна или верска омраза,нетрпеливост,етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.

Со членот 2 се дополнува членот 16 со два нови става во кои е уредено дека: (4) Статутот на политичката партија не смее да содржи одредби кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.

Името и ознаките на политичката партија не смеат да содржат симболи, зборови, кратенки кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх, е предложено во еден од ставовите.

Политичките партии ќе треба да ги усогласат своите имиња со овој закон во рок од три месеци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.