Со 62 гласа „за“ и 44 против и ниту еден воздржан Собранието вечерва ги изгласа заменик-министрите на Владата. Дебатата во парламентот траеше два дена, согласно собранискиот Деловник, на ист принцип како бирањето на Владата.

Пратениците од опозицијата изнесоа резерви за тоа колку оваа Влада, ќе може да направи и да сработи во претстојниот период, бидејќи и во минатиот мандат не направила ништо за доброто на граѓаните иако многу ветувала.

Со изборот на новите заменици престанува мандатот на досегашните носители на овие функции.

Опозицијата најмногу забелешки имаше на биографиите на сега веќе избрните заменик-министри.

Според премиерот Зоран Заев со именувањето на заменици на министрите се комплетира системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет кои ќе работат на реализација на програмата на Владата и пред сè во справувањето на последиците од пандемијата со kovid-19 како еден од првите владини приоритети.

Согласно денешното гласање, за заменик-министер за одбрана е изгласан Башким Хасани, во Министерството за внатрешни работи Назим Буши, а во ресорот правда Агим Нухиу.

Илхан Рахман е ќе биде заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи.

Во Министерството за финансии заменик на министерот Фатмир Бесими ќе му биде Димитар Ковачевски, а во Министерството за економија изгласан е Зоран Маневски. Во ресорот земјоделство заменик е Трајан Димковски, кој претходно ја извршуваше министерската функција во истото Министерство.

Илир Хасани е изборот за заменик-министер во Министерството за здравство. Арафат Шабани ќе заменува во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа и Седат Сулејмани во Министерството за култура.

Заменик-министер за информатичко општество и администрација ќе биде Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.

Заменик-министрите вечерва пред претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе дадат и свечени изјави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.