Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас вечерва е во Скопје, а во интревју за емисијата „360 степени“ првпат откри детали за преговорите меѓу Македонија и Грција. Ципрас рече дека неколку дена пред потпишувањето на Преспанскиот договор, двете страни речиси се откажале и рекле дека нема шанси да се договорат.

„Да, постоеше еден момент пред конечниот договор, еден викенд, кога ги фрливме пенкалата и јас и Зоран и г-динот Коѕијас и г-дин Димитров и рековме – не можеме да најдеме заеднички јазик. Но, надвладеа логиката. Тоа беше непосредно пред договорот, неколку дена пред потпишувањето на договорот. Беше на крајот на еден многу тежок пат. Секогаш постои замор, секоја страна мисли дека ги исцрпила „црвените линии“. Една недела пред телефонскиот повик од Зоран, направивме некои исправки или ако сакате отстапки од двете страни, една недела пред договорот ги оставивме пенкалата и мислев ќе немаме договор, рече Ципрас.

Ципрас додаде дека овој договор не беше лесно прашање.

Можеби некој трет отстрана да го гледа како лесно прашање и некои да велат дека не направивте многу големи чекори. Но, реалноста е дека покрај името постоеја и други детали што требаше да се решат поврзани со наследство, со билатералните односи, многу тешкотии што требаше да се надминат, и верувам дека работевме интензивно и направивме договор што дава одговор на сите сложени прашања. Но, не беше лесно да најдеме консензус за сите прашања, рече Ципрас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.