И по три години на власт зборува за режим, за Груевски, за грешките на ВМРО-ДПМНЕ, за катастрофалните владни политики бара виновници во опозицијата и во минатото. Премиер, во заминување, кој изгледа се уште не сфатил дека три години располага со сите државни ресурси, дека е на чело на меѓународната и домашната политика на земјата, дека токму тој, а не Груевски или Мицкоски ги влече сите конци, и на крајот дека токму тој е одговорен за сите катастрофи во државата.

Писмото испратено до партиските членови на СДСМ непосредно пред одржување на трибината „На прав пат“ во Скопје се заснова на три стратешки цели кои ги одредил лидерот на партијата Зоран Заев. Едната од нив е никогаш режим, парола што се користеше во времето на Шарената револуција.

Сега кога изборите се на прагот, а Заев нема сојузници ниту меѓу младите, ниту во невладините, ниту во разочараните или пак меѓу стечајците, кога членството на СДСМ се десеткува, а симпатизерите се ситнат, очајни се романтичарските обиди на лидерот на владејачката партија да го мобилизира членството со романтичарски пароли.

Впрочем, голем дел од оние кои пред четири-пет години излегоа на улиците обединети под името Шарена револуција денес се најгласните критичари на власта на Заев. И токму тоа, дека продолжил режим, е нивната главна забелешка.

И вчерашниот настан во салата „Борис Трајковски“, кој беше најавуван како големо финале, се покажа како големо фијаско. Освен што салата остана полупразна, настапите на челната тројка на СДСМ, Шилегов, Шекеринска, Заев, личеа на кампања за локални избори. Се фалеше Скопје, се зборуваше за успесите на Петре, за неговата скромност, се бараа вештачки виновници во опозицијата.

Заев по којнзае кој пат зборуваше за правната држава, за ветингот на судиите, допрва, на точно три години од парламетарните избори во 2016.

Да  расчистиме со последниот бастион на заробената држава, проверката на имотот на судиите и обвинителите да почне веднаш. И Судскиот совет да ја провери работата на судиите и целосно да ја провери професионалнота и ажурноста на работите на судиите. Да ни кажат кој тоа влијае врз судиите. Кој тоа ги држи предметите во фиоки. Да ни каже зошто неколку десетици предмети се чувале завршени и останале во фиоките на бившиот претседател на Врховнот суд, рече Заев и ги повика Антикорупциска, УЈП, Финансиската полиција, Централниот регистар, МВР одма да почнат со проверките на имотот, капиталот, парите на судиите и обвинителите и нивните семејства.

Зборувајќи за „правната држава“, која ја бара и по три години откако е на власт, како и во времето на Шарената револуција, Заев повторно зборуваше за „заробената правда“. Тој да зборува за заробена правда во време кога лично тој нарачува судски пресуди, кога ги соопштува по медиуми пресудите пред да бидат изречени, е повеќе од бесмислено.

На овој наш пат треба да ја завршиме борбата за правда. Тоа го очекуваат граѓаните. Тоа и ќе го добијат. Нема компромис за вопоставување на правна држава и за владеење на правото. Нема компромис со криминалот. На тие што прават криминал, се знае каде им е местото. Пукавме бомби, ги ставивме животите во залог за правната држава. И сега да – запреме? Нема шанси! Нема таков суд, судија, обвинител што ќе го запре овој процес! Нема шанси! Дел од Судството и од обвинителството останаа последната тврдина на „заробената држава“. Продолжија да ја контролираат работата и исходот на судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот. Наместо да се ослободат од сопствените окови, овие Сваровски судски центри на моќ застанаа на патот на правдата. Како последни упоришта на „заробената правда“. Ова мора да престане веднаш, рече Заев, за кого Катица Јанева и Вилма Рускоска се црвените линии во правосудството.

Романтичен и очаен беше обидот на лидерот на СДСМ да ги разбуди емоциите кај своето членство споменувајќи го името на загинатиот претседател Борис Трајковски, член на ВМРО-ДПМНЕ. Изгледа Заев заборавил сека токму за СДСМ Трајковски беше „граѓанинот Борис Трајковски“.

Не смееме да дозволиме да се заборави режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Газеа врз човековото достоинство. Тоа беше пред само две и пол години, а денес никој не сака да се повтори режим. Затоа, постојано да потсетуваме на злоделата на ВМРО-ДПМНЕ, како наше второ правило. Второ правило: режим – никогаш повторно! Кога беа на власт, никој не знаеше каква е нашата иднина. Не знаеја ниту тие. Ниту беа загрижени за тоа. Се грижеа само за нивните криминални операции, за прислушкување, за лично богатење. Еве, ајде да споредиме: Ние ја вративме нашата земја повторно на мапата на светот. Ни оддадоа признание дека Северна Македонија е блескав пример. Ние сме шампиони во енергетските реформи. А тие – Најбогата партија во Европа! Шампиони по заробување на државата! Ние собираме признанија за државата, остваруваме стратешки цели, повисоки плати, пад на невработеност, а тие имотни листови од парцели и деловни простории. И пак се во долгови и во банкрот како партија! Па тоа ли се домаќини? На нив ли држава? Па два бардаци вода да им дадеш да ги чуваат, двата ќе ги украдат и ќе избегаат во Будимпешта. Ние штедиме пари за да вратиме назад кај граѓаните, а тие потрошија 30-тина милиони евра народни пари на медиуми за да купуваат вистина. Вистина не се купува, вистината се живее. Порано во земјава се шепотеше, денес и медиумите и граѓаните зборуваат гласно. Слободата е наша, ваша, твоја, на сите! Си ја вративме слободата! И верувале или не. Денес сме во салата која го носи името на Борис Трајковски. Случајот сакаше токму на ден денешен да се навршуваат точно 20 години од оној 15 декември 1999 година, кога мојот сограѓанин Борис Трајковски ја презеде функцијата шеф на државата, како втор претседател на Република Македонија. Да беше жив, денес сигурно многу ќе се радуваше на влезот на земјава во НАТО – алијансата, затоа што и тој цврсто опстојуваше на таа линија. Но, да беше жив, сигурно ќе беше разочаран и посрамен од неговата ВМРО-ДПМНЕ и од сите монструозни потези што таа партија ги прави. Меѓу стотиците споменици што ги подигнаа во забеганиот проект „Скопје 2014“, не се најде ниту еден подигнат во негова чест. Ќосето заслужил, ама претседателот Трајковски – не. Арно ама, во мојата и неговата Струмица гордо се издигнува негов споменик, подигнат одамна од Зоран Заев. Нека се знае, како се почитуваат вредностите. Има разлика и тоа голема, рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.