Шефот на дипломатијата Бујар Османи со денешната посета на Германија ја почнува турнејата во неколку значајни европски метрополи.

Освен Берлин, Османи ќе ги посети и Копенхаген и Стокхолм, како дел од пошироката дипломатска активност за актуализација на европското досие на земјава пред земјите членки на ЕУ.

Османи денеска е во посета на Германија на средби со министерот за надворешни работи, Хајко Мас, како и со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе оствари средби и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Ангела Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и комисии во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.

Од Берлин Османи утре заминува за Копенхаген, на средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод.

Дипломатската турнеја на Османи продолжува со работната посета на Стокхолм, в среда, каде ќе биде примен од својот домаќин, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде.

Во Стокхолм е предвидено Османи да го посети и шведскиот Парламент – Риксдаг, каде ќе оствари средби со потпретседателките Лота Форнаве и Кирстен Лундгрен. Во агендата на министерот во рамките на посетата на Шведска се и средбите со Ана Сандстром, советничка за ЕУ на премиерот Стефан Ловен, како и со државната секретарка задолжена за европски прашања, Паула Оловсон.

Дипломатската турнеја на Османи се одвива во период на засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на Македонија. Покрај билатералните односи, централни теми на средбите ќе биде европското досие на земјава, и обезбедување поддршка со јасна цел имплементација на одлуката за почеток на преговорите од страна на Советот на ЕУ од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.