Во новиот Закон за ЗЗ на Филипче, стои истата одредба од Тодоров, при вработување во болници и клиники, комисијата има дискреционо право да прими кандидат лекар без оглед на позицијата на ранг-листата креирана со вреднување на успех од студии и резултати од тестирање, реагираше на „Фејсбук“ доктор Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, додавајќи дека комисијата, најчесто, чека список „од горе“.

На овој начин, и понатака ќе гледаме дека ќе се вработуваат лекари само преку партија или со јака, здрава врска. Не оние првите на ранг листа, него првите на список од партија!

 

Тие првите на ранг листа, после конкурс или два на кои се одбиени, одат у Германија, за таму се способни, и не се враќаат никогаш повеќе…, вели Лазаров.

Во изјава за „Сител“, Лазаров вели дека АСМЛ се разочарани што останува оваа одредба и велат дека партиските војници не треба да ги наградуваат на овој начин.

Се работи за преголема политичка привилегија и не сакаат да се откажат од тоа. Но партиски војници не смеат да се наградуваат на ваков начин, во администрација да, но не и во медицина, тоа е погубно, вели Лазаров.

Лазаров вели дека со години се сведоци на наместени конкурси за вработување во болници а од здравствените власи им било кажано дека тоа дискреционо право на Комисијата ќе биде одземено. Но ветувањето паднало во вода. Од Асоцијацијата предложиле човечкиот фактор да биде сведен на минимум при конкурсите за вработување а Комисија да одлучува само доколку има кандидати со исти бодови.

Пред неколку месеци имаше остри реакции и обвинувања за непотизам во неколку болници во земјата кога на работа тргнаа лекари кои беа последни на ранг листите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.