Во организација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во Конгресната палата во Тирана се одржува научна конференција „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија”.

На конференцијата, на која присуствува и премиерот во заминување Зоран Заев, свои излагања имаат Македонци од Албанија, а отворена е и изложба со фотографи и книги пишувани на македонски јазик од Македонци од Албанија.

Премиерот во заминување Заев на конференцијата рече дека се прават напори за подобрување на изучувањето на македонскиот јазик во училиштата на Мала Преспа.

Се разбира, секогаш може и повеќе и затоа ги развиваме односите меѓу двете земји на највисоко пријателско ниво за да разговараме слободно за
можностите. Зачувувањето на јазикот е од огромно значење заради тоа што ги обединува луѓето и културно ги поврзува генерациите за да можат една на
друга ги пренесуваат цивилизациските вредности на човештвото – нагласи премиерот во заминување.

Тој додаде дека наскоро ќе биде отворен Културен центар при амбасадата на Албанија каде што ќе може да се изучува македонскиот јазик.

Токму затоа, со премиерот Рама работиме на тоа договорот меѓу нашите две држави за отворање на културно информативни центри да биде исполнет во целост. Тоа ќе овозможи наскоро во Скопје и во Тирана да имаме целосно функционални културно-информативни центри кои ќе ги бидат значаен придонес за дополнително надградување на взаемните пријателски односи, и места за факултативно неформално изучување на јазиците на двете земји. Истовремено тоа ќе бидат места каде што ќе можат да се најдат книги и други публикации на македонски јазик што ќе помогнат во унпаредувањето на изучувањето на јазикот на Македонците во Албанија – рече премиерот во заминување Заев.

Поздравен збор на конференцијата имаше лидерот на МАЕИ и пратеник во албанскиот парламент Васил Стерјовски рече дека македонска заедница во Албанија е благодарна на албанската држава којашто 75 години ги признава како Македонци, за разлика од „некои држави членки на Европска Унија кои не признаваат македонско малцинство и создаваат пречки на патот на европските интеграции“.

Современите состојби, бараат да се превземат чекори за изучување на македонскиот јазик насекаде каде што живее македонската заедница во Албанија. Македонците кои живеат долж македонско-албанската граница, посебно во периодот после 1991 година, поради подобри услови за живот, од руралните средини се иселуваат во градските средини, како Тирана, Корча, Билишта, Подградец, Елбасан, Драч, Кукс и други места. Денес, поголемиот број на Македонци живеат во градските средини во Албанија, отколку во руралните средини, каде што традиционално живееле – рече Стерјовски.

Тој додаде дека заради тоа бараат помош од албанската, но и од македонската влада, за учење на мајчиниот македонски јазик во сите населени места во Албанија каде што живеат Македонци и каде што има барање за изучување на македонскиот јазик.

Со донесувањето на подзаконските акти на Законот за заштита на правата на националните малцинства во Албанија, очекуваме македoнскиот јазик да се учи на целата територија на Албанија каде што живеат Македонците. Се надеваме преку Фондот за националните малцинства да се финасираат медиуми на македонски јазик, да се печатат книги на македонски јазик и да унапредува развојот на македонската култура и македонскиот идентитет во Албанија – рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.