Скопје ни е сѐ, ама баш сѐ. Ако скопјани, каде што е најинформираниот и најупатениот наш народ, не дадат поддршка со мнозинство гласови…

Ова личи на „бомба“, на разговор кој не би сакале некој да ве чуе дека го имате, на мисла која ни случајно не сакате да ви излета од уста по две-три чашки в кафана. Ама не е.

Ова е дел од прес-конференција на првиот човек на македонската влада. Зоран Заев од Муртино, од Струмица, кој само што го нарече остатокот од Македонија прост и небитен. За него не требаат прислушувани разговори, зошто тој во лице ни кажува сè. А, ние на локалните покажавме дека конечно почнавме да разбираме дека не се мајтапи.

Селата и градовите од цела наша земја не може да влечат назад преку своите први луѓе, а владата да води напред, вели тој, читајќи го одговорот на веќе нарачано прашање за тоа што следи доколку неговата партија не ја добие поддршката во вториот круг од локалните избори.

Еве низ примерот со Скопје. Скопје ни е сѐ, ама баш сѐ. Како што ни е и Ceверна Македонија. Јас можам, а и влада предводена од мене, да го чувам, негувам и унапредувам концептот „Едно и еднакво општество за сите“. Да обедиунвам. Ако Скопје не даде поддршка на спротивното од тоа, на тие што се националисти, што разединуваат, па макар колку сака да се скриени позади наводно независна кандидатка, па макар колку сака да се замаскирани позади коалиции, со единствена цел – власт, моќ и пари. Јас можам, а и влада предводена од мене, да успеваме во интеграциските процеси ако скопјани, каде што е најинформираниот и најупатениот наш народ, не дадат поддршка со мнозинство гласови на тие што веднаш ќе нè скараат со Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово и со остатокот од светот. Јас можам, а и влада предводена од мене, да продолжи да го помага развојот на Скопје преку нови паркови, мостови, булевари, забавни паркови, прочистителни станици, инвертори… Ако скопјани во мнозинство не дадат поддршка на тие што ќе прават кичерај, споменици, шмизли, златни огради и слично, вели Заев.

На страна очајните закани, упорното лажење и себе и другите, на страна болната самоувереност – со овој повик за обединување, Заев ја прави најголемата поделба дома.

На „преогресивци“ и националисти. На „демократи“ и полтрони. На „упатени“ и прости.

Народот на 31 октомври ќе одлучи дали е за да продолжиме по патот напред или ќе се враќаме во минатото кое го знаеме. И тоа минатото кое на локално и на централно ниво. Народот на 31 октомври ќе одлучи дали е за слобода, демократија, интеграции и дома и во Европската унија, или е за молк, режим и за нови поделби дома и кавги со соседите и светот. На 31 октомври народот всушност ќе ја донесе одлуката за сè, целосно, комплетно, продолжува тој.

Народот и за ова е поделен – на оние кои се радуваат дека навистина ќе ја напушти власта доколку ги догазат во втор круг и на оние кои сакаат да се радуваат, ама знаат дека и за ова лаже како и за сè досега.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.