На вчерашната седница на Комитетот за надворешни работи за нацрт – законот за ратификација на Протоколот за НАТО за пристапување на Република Македонија, Словенечката демократска партија даде поддршка за земјава.

Во дискусијата учествуваше и претседателот на СДС, Јанез Јанша, кој укажа дека Словенија е од самиот почеток една од главните сојузници на евроатланскиот пат на Македонија.

На нашиот предлог пред 11 години, НАТО Алијансата за прв пат одлучи за пристапот на Македонија. За жал, тогаш неуспешно. Мислам дека во април 2008 година во Букурешт на Македонија и беше ветено дека одлуката ќе биде донесена истата година, порача Јанша кој додаде дека во наредниот период, по Букурешт, Македонија морала да плати висока цена, односно да го промени името.

Тој потсети дека сепак, иако за новото име немаше државен консензус, поголемиот дел од граѓаните се изјаснуваат ЗА влез во воената алијанса.

Ако би сакале да се ставиме во нивна ситуација, тогаш треба да се разгледа како ќе се чувствуваме, ако треба да влеземе во НАТО или да пристапиме во ЕУ со промена на името на државата, порача Јанша и додаде дека во секој случај Македонија усшешно ќе стане членка на Алијансата.

Лидерот на демократската партија потврди дека Словенија ќе остане силен поддржувач на Македонија и на патот кон Европската унија. Инаку денеска словенечкиот Државен збор даде зелено светло за интеграција на Македонија во НАТО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.