„Избери живот, гласај зелено!“ е слоганот со кој Демократската унија за интеграција ќе настапи на претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 17 октомври.

При презентацијата на слоганот, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, истакна дека изборната програма на ДУИ е заснована на пет столба, со крајна цел подобрување на животниот стандард на граѓаните.

„Заедно мора да го оствариме зелениот сон. Изборната кампања треба да открие како кандидатите уште повеќе ќе ги развијат нашите општини, како уште повеќе ќе ги вклучат граѓаните и како секој ден ќе го слушаат нивниот глас. Ние како ДУИ се обидовме да останеме партија на дадениот збор и оствареното дело, затоа се договоривме со сите кандидати да се придржуваат до зелената агенда за подобрување на квалитетот на животот“, рече Османи.

Говорејќи за петте столба, портпаролот на ДУИ рече дека зелената агенда подразбира инвестирање во ефективно управување со отпадот, завршување на канализациските мрежи и чиста вода за пиење, гасификација, патеки за трчање и возење велосипед, паркинзи, олеснет сообраќај, повеќе зеленило, повеќе паркови.

Дигиталната агенда значи дека електронската администрација е клучот за ефикасна јавна услуга, но исто така и транспарентна со обезбедување целосно дигитални услуги. Е-општината подразбира и дигитализација на училиштата, брз, квалитетен и бесплатен интернет во сите населени места, како и соодветна инфраструктура.

Агендата на отворена врата, додаде Османи, значи дека градоначалниците се на услуга на граѓаните, а нашите општини им припаѓаат на граѓаните. Не смее да има затворена врата за маките на граѓаните. Агендата за вклучување на граѓаните подразбира дневна политика, чести и важни одлуки, кои влијаат на секојдневниот живот на граѓаните и нивната иднина. Вклучувањето на граѓаните во одлучувањето значи дека големите одлуки нема да ги донесе тесното раководство на општината, туку вие – граѓаните.

Новина на овие избори е НУЛА политиката, што, како што образложи Османи, значи нула отпад, нула злоупотреба, нула лошо управување, нула корупција, нула да биде скитник, нула недостиг на паркинг, нула дивоградба, нула запоставени граѓани.

Османи додаде дека овие пет општи ветувања не се само изборно ветување на кандидатите за градоначалници, туку се нов задолжителен кодекс на однесување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.