Новото рочиште за „Рекет“ е закажано за 6 декември, петок, кога исказ ќе дадат сведоците Јордан и Ана Камчеви.

15:16  Камерите од куќата на моите родители ќе докажат кој заминува со торбата и каде, рече денеска Јовановски.

15:04 Откако се изнесе како виновен, пресудата за Зоран Милевски-Кичеец судот ќе ја изрече утре напладне.

14:38  Сите поранешни обвинители на СЈО ќе бидат сведоци на одбраната, рече адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска.

14:23 Изјава на адвокатот на Боки 13, Сашо Дуковски, по судењето

14:00 Катица Јанева уште еднаш истакна дека не се чувствува виновна и оти е горда што била на чело на специјалното обинтелство и го предводела тимот на обвинетели.

13:44 Во образложението на своето обвинение, Бојан Јовановски прво обвинтет во случајот „Рекет“, истакна дека нема никаква вина и оти е жртва на една поголема игра, во овој случај кој не сака да го именува како „Рекет“

13:33 Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски во негова одбрана истакна дека обвинението не може да биде докажано и оти се само индиции.

13:09 Обвинителката Вилма Русковска го почна образложението за обвинетите

12:47 Кичеец призна вина, Боки не, а Катица вели ни тронка не сум виновна

12:33 Полномошник на Камчев побара еден ипол милион евра оштета од Јанева и Јовановски

12:17 Судењето продолжува, Боки доби дијазепам

Докторите кои се појавија на рочиштето за да ја образложат здравстената состојба на Бојан Јовановски, кажаа дека тој може свесно да го следи судењето.

11:44 Лекари го прегледуваат Боки 13 да видат дали може да присуствува на судењето

Дадена е пауза од 20 минути за медицинска екипа да го прегледа Јовановски и да утврди дали тој е во состојба да присуствува на судењето.

11:19 Боки 13: Не сум во состојба да следам судењето

Првообвинетиот Бојан Јовановски вели дека не се чуствува добро, нема добиено терапија за новата дијагноза и затоа не е во состојба да го следи судењето.

10:49 Боки 13 дојде на судењето за „Рекет“, бил кај затворскиот лекар

Во судот само што пристигна Бојан Јовановски, кој е донесен од Истражниот затвор во Шутка. Неговото спроведување доцнело поради тоа што тој бил на преглед кај затворскиот лекар.

10:04 Јанева и Кичеец пристигнаа во Кривичен

Катицa Јанева и Зоран Милевски – Кичеец денеска од домашен притвор беа донесени во Кривичниот суд во Скопје нa првото рочиште за случајот „Рекет“, во кои се обвинети.

08:00 Денеска почнува судењето за „Рекет“

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи првото рочиште за случајот „Рекет“ во кој се обвинети Бојан Јовановски – Боки 13, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец.

Од домашен притвор на судењето треба да бидат донесени обвинети Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец, додека првообвинетиот Бојан Јовановски од КПУ Затвор-Скопје каде што издржува мерка притвор.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски.

Како што соопшти Јавното обвинителство, првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинета Јанева се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Првообвинетиот во периодот од ноември минатата година до април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз второобвинетото лице – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи,влијаел врз второобвинетата, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор. Третообвинетиот битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител, појаснува Јавното обвинителство.

Второобвинетата ја искористила службената положба и откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот доставила до Апелацискиот суд во Скопје предлог за определување поблага мерка – куќен притвор, кој бил прифатен. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот.

Со преземените службени дејствија, второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра. Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од државата што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Во рамки на случајот „Рекет“, Обвинителството отвори нова истрага која се однесува на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информира дека истрагата за „Рекет“ е проширена, односно донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.