Славица Котиров ја презема директорката функција во Царинската управа од досегашниот в.д. директор Горан Сугарески. Таа досега беше заменик-директорка на Царина.

Од Владата информираа дека на синоќешната седница ја прифатиле оставката и го разрешиле Сугарески, а ја назначиле Котиров.

Сугарески на 9 јули информираше дека си поднел оставка и рече дека од 11 јули ќе се врати на старото работно место во Општина Прилеп.

Причината за неговата оставка беше што си поднесе кандидатура во партиските органи на СДСМ за кандидат за градоначалник на Прилеп.

СДСМ досега официјално потврди 35 кандидати за градоначалници, но за Прилеп сè уште не е официјализирана одлуката.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, досега објави тројца кандидати, меѓу кои и за Прилеп, па познато е дека доколку Сугаревски биде кандидат на социјалдемократите, на локалните избори ќе се бори против докторот Борче Јовчески, кој е актуелен советник во општинскиот совет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.