Ја заврши задачата поради која ја доби улогата премиер на Република Македонија, и како премиер на Северна Република Македонија замина на, веројатно според него, заслужен одмор. Премиерот Зоран Заев дојде на власт иако не ги доби изборите, парламентот доби претседател вон сите закони и деловници, пропаднатиот референдум го прогласи за успешен и со поддршка на оние кои го донесоа на власт го промени уставот иако ветуваше дека тоа никогаш нема да го стори. Го промени уставот, го промени и уставното име за земјата.

И откако си ја изврши задачата, избегнувајќи ТВ дебата на која беше повикан, бегајќи од избори и игнорирајќи го ставот и волјата на мнозинството граѓани, се качи во авион. Додека граѓаните револтирано коментираат за одлуките кои ги донесе, тој реши да оди на зимски одмор и скијање во Германија каде што ќе ги надминува стресовите по заокружувањето на целокупниот процес со уставните измени. Работите ќе легнат, граѓаните немоќни полека ќе стивнат, а за тоа време, тој ќе билда адреналин.

Харадинај: Се сретнав со мојот колега од Република Северна Македонија

На средбата меѓу двајцата премиери, Харадинај му честител на Заев, за како што напиша косовскиот премеир Харадинај успешното заокружување на договорот со Грција.

„Се сретнав со мојот колега од Република Северна Македонија, Зоран Заев, кому му честитав за успешното заокруѓување на договорот од Преспа, кој и гарантира на соседната држава јасна евроатлантска перспектива. Косово останува посветено на градењето на еден стабилен регион и во тој правец односите со Скопје се одлични“, напиша косовскиот премиер Рамуш Харадинај на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Иако од Влада молчеа за патувањето, медиумите зборуваа. Официјалната потврда од владината прес-служба дојде откако косовскиот премиер Рамуш Харадинај сподели заедничка фотографија со Заев на социјалните мрежи. На прашање на медиумите, од кога премиерот е заминат во Приштина и со каква цел, од таму е даден одговор дека Заев минувал транзитно на пат во Германија во приватен аранжман. Со Харадинај се сретнал неформално на аеродромот во Приштина, каде чекал лет за Германија, а Заев имал слободни денови за зимски одмор. Гордиот граѓанин на Република Северна Македонија ќе се релаксира една седмица.

Во меѓувреме ги остави неговите главни пера да ја правдаат одлуката за спроведување на задачата која му беше дадена и поради која го сместија во премиерска фотелја. Се јавија Борјан Јовановски, Бранко Геровски, Сашо Ордановски, Бранко Тричковски. Тие ја правдаат политиката и промената на името. Јовановски и Геровски, случајно, со исти статус на социјалните мрежи – се разбудиле како Македонци и зборувале македонски јазик… Да, се разбудија во Северна Македонија, утре ќе патуваат со патна исправа од Република Северна Македонија, ќе бидат државјани, не на Република Македонија, туку на Севена Република Македонија.

Се јави Сашо Ордановски со своја колумна посветена на ВМРО-ДПМНЕ.

Има ли некој таму да им објасни дека додека, по ова прашање (Преспанскиот договор) не го променат ставот, може во Македонија секои шест месеци да се одржуваат вонредни парламентарни избори, а тие НИКОГАШ нема да ја освојат власта.

И Бранко Тричковски удри на ВМРО-ДПМНЕ и потребата тие да ја променат политиката согласно промената на уставното име на земјата.

Вмро-дпмне од денеска е неуставна партија

Јас мислам дека партија која не го признава уставното име на државата, односно не го признава уставот, не само што нема право да учествува на претседателските избори, туку нема право да учествува во политичкиот и општествен живот, односно, мора да се забрани и избрише од сите актуелни регистри.
Би сакал да чујам правно толкување на оваа моја теза!

Граѓаните ќе негодуваат, министрите ќе се фалат, Заев ќе се скија… Тоа е таа Република Северна Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.