Во ек на пандемијата на коронавирусот советниците од Липково одлучија да градат спомен-кула во Слупчане во чест на загинатите припадници на ОНА од 2001 година. Одлуката вчера поминала на Советот на Општина Липково. Градоначалникот Еркан Арифи за Плусинфо потврди дека одлуката е донесена, но вели спомен-кулата ќе се гради најверојатно дури идната година, бидејќи сега приоритет е ситуацијата со коронавирусот. Впечатливо е дека Арифи негира дека спомен-обележјето ќе биде за загинатите припадници на ОНА, туку дека ќе ги одбележува историските случувања од Втората светска војна до 2020, објави Плусинфо.

Одлуката за споменикот е објавена на официјалната страна на Општината на Фејсбук.

Жртвувањето со процедурите заврши. Од денеска сме многу блиску до финализирање на долгоочекуваниот проект – споменик кај гробиштата на паднатите борци во Слупчане. Одлуката за изградба на спомен-кула во Слупчане доби зелено светло од Советот на Општина Липково на предлог на градоначалникот. По завршување на процедурата за донесување на урбанистичкиот план дојде денот да биде донесена и одлуката за изградба на спомен-кулата. Следуваат фазите на носење на идеен и на главен проект, како и добивање дозвола од Министерството за транспорт“, пишува на Фејсбук страната.

Градоначалникот Арифи објаснува дека советниците вчера ја донеле одлуката, бидејќи седницата со таа точка на дневен ред била закажана пред еден месец, односно пред ситуацијата со коронавирусот.

 Сега имаме други приоритети со кризниот штаб поради ситуацијата со коронавирусот. Ова е само почеток на реализацијата на спомен-кулата. Ќе има јавна дебата, па изработка на идеен и на главен проект и треба да побараме дозвола од Министерството за транспорт за изградба на објектот. Не станува збор за обележје за загинатите борци од 2001 година. Тоа ќе биде објект кој ќе ги одбележи сите историски случувања од Втората светска војна до 2020 година. Изградбата на спомен-кулата сигурно нема да почне годинава, бидејќи во општинскиот буџет не се предвидени пари за тоа. Најверојатно со подигањето на спомен-кулата ќе почнеме идната година – вели за Плусинфо градоначалникот Арифи.

Тој не прецизира дали спомен-обележјето ќе се гради со буџетски пари.

Во војната во 2001 година во Слупчане, односно во Липковскиот регион се водеше една од најжестоките битки помеѓу припадниците на ОНА и безбедносните сили на Македонија.

Во Слупчане има уредено гробишта на загинатите припадници на ОНА.

Гробиштата на загинатите припадници на ОНА добија публицитет во јавноста кога во време на владеењето на Никола Груевски и Али Ахмети, тогаш министерот за одбрана Фатмир Бесими и неколку офицери – Албанци од АРМ положија цвеќе и се поклонија на гробот на загинатите од поранешната ОНА.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.