Постојаното повторување на фразата „ситуацијата е под контрола“ повеќе не поминува кај граѓаните, затоа сега министерот за здравство Венко Филипче најде нова омилена фраза да го оправда неуспехот во справувањето со пандемијата а тоа е дека „секаде е исто“.

Додека ситуацијата со корона вирусот во Македонија секој месец, од ден во ден стануваше се полоша миниостерот Филипче постојано повторуваше дека се е под контрола.

Под контрола беше и кога имаше по 100 заразени и до 10 починати на ден, под контрола за него беше и кога бројката на заразени дневно скокна на 1.000, а на починати над 20. Дури и таков застрашувачки раст за него беше под контрола, како што под контрола беа исполнетите болнички капацитети со хоспитализирани пациенти, но и немањето доволно тестови и термини, за кои пациентите чекааат со денови. Толку многу се чека што некои пациенти ќе го прележат вирусот додека им дојде ред да се тестираат.

И откако повеќе не може да го сокријат колапсот на здравствениот систем и сопствениот неуспех во справување со корона кризата, сега велат дека секаде е исто. Можеби и најлошото оправдување што можеа да го најдат. Ние не живееме во Србија, Словенија или Албанија за да биде оправдување дека таму е лошо.

Македонските граѓани очекуваат заштита од македонските здравствени власти, а не од српските, словенечките или некои други.

Но, дали е секаде исто?

Македонија досега има направено 293.872 тестови за корона вирусот или 141.058 на еден милион жители. Словенија која по број на жители речиси колку и Македонија, досега има направено 447.973 тестови, односно 215.470 на милион жители, што е околу 35% повеќе тестирани од Македонија. Србија, пак, досега има направено 1.519.315 тестови, односно 174.155 на милион жители, што ја прави за 20% подобра од Македонија.

Што значи дека не е секаде исто. Како што може да се види, Србија и Словенија вложуваат повеќе напор да тестираат поголем дел од населението, за да имаат подобра слика каде се е распространет корона вирусот во земјата и за да можат подобро да дејствуваат.

Но, ние во Македонија според се, уште долго ќе ја слушаме оваа фраза од министерот Филипче.

И покрај тоа што е очигледно дека соседните држави подобро менаџираат со кризата, сепак тоа нема да ги премисли да велат дека сме исти како нив, како што досега постојано викаа дека се е во ред додека граѓаните гледаа како здравствениот систем крахира од ден на ден, за бројот на заразени и починати нагло порасна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.