Сите големи каузи започнуваат како движење, се претвараат во бизнис и завршуваат како рекет.

Со оваа мисла на американскиот филозоф Ерик Хофер можеби најдобро може да се отсликаат четирите години власт на СДСМ и Зоран Заев. Единствена дилема може да биде само дали Македонија моментно се наоѓа во втората или во третата, крајна фаза од тоа што владејачката елита го ветуваше пред четири или пред една година. Зашто, на политичката сцена отворено егзистираат и политиката сведена на гол бизнис и рекетот и тоа буквално во сите сфери на општественото живеење.

Но, за која фаза и да се одлучи човек, неминовен е единствениот заклучок дека Македонија предводена од СДСМ и Зоран Заев останува заробена држава, во која владее хибриден режим, царуваат организираниот криминал и корупцијата, борбата за правда и владеење на правото се сведе на пуста желба и гола копија на поствоените 40-ти од минатиот век, кога наместо закон, важеа моќта и политичкиот прогон на неистомислениците. Македонија стана општество во кое лагата стана начин на живеење, а етичките, моралните и сите други вредности и принципи се изгубија во релативизирањето на неуспесите на власта и лукративноста и клиентелизмот во сите пори на живеењето. И на оваа и ваква Македонија, за жал, не можат да и помогнат ни европските мускули, ни европските, ни американските совети и помош за да ја помрднат барем милиметар напред!

Напротив, состојбите секојдневно се влошуваат, а граѓаните се чувствуваат како препуштени сами на себе, а во ликот на државата гледаат обичен трговец, ни помалку, ни повеќе, туку со нивните животи! И тоа во време на светска пандемија, па онаа веќе излитена фраза од пред четири години „Живот за сите“ самата по себе се претвори во „Смрт за сите“! Не може друго да биде кога власта на сметка на здравјето на граѓаните беше фатена на дело како сака од абавката на вакцини против Ковид-19 да стави во џеб најмалку три до четири милиони евра! Па, младите, а покрај нив и старите нема да бегаат?! Море ќе бегаат и нема да сакаат ни глас да слушнат. И тоа без паради на оние (пре)платени невладини билмези, чест на исклучоците, за оставени чевли пред Владата.

Политика, владеење на право, економија, сообраќај, здравство, образование, култура, меѓуетнички односи, поделено општество… За која било од овие области да се говори, од тоа што било ветувано пред четири години, сега нема ни трага, ни глас!

На политички план, единствениот плус е членството во НАТО. Државата и општеството со години беа подготвувани за промена на името и на тоа работеа сите влади, премиери и претседатели. Но, никој, апсолутно никој не ни помислуваше за севкупна употреба. И цената, што ја платија Македонија и посебно Македонците, се сведува на целосна елиминација на идентитетската придавка македонски/а/о од сите државни и јавни институции и лични документи. Идентитетската голгота, за жал, не е завршена. Допрва не чекаат изненадувања благодарение на неукоста, лежерноста и празноглавоста на потписниците на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Дали се смени начинот на практицирање на власта? Апсолутно не. Напротив, тој е „проширен и надграден“ од времето на т.н.„режим“ на претходната власт. Во сите сфери. Почнувајќи од злоупотребата на редовната и тајната полиција, преку обвинителството и судството, па до криминалот и корупцијата, непотизмот, партиските војници и ботови…Што треба повеќе да се каже кога специјална јавна обвинителка, задолжена за борба против организираниот криминал и корупцијата на претходната власт, завршува со пресуда за корупција!? Што треба повеќе да се каже кога во предмети како „Рекет“ или „Меѓународен сојуз“ уште од авион се гледа селекција и отсуство на главните актери? Што треба повеќе да се каже кога мерката притвор и натаму се злоупотребува од чиста политичка одмазда? Што треба повеќе да се каже кога зад затворени судски врати се менува законски член од обвинение за да се ослободи политички властодржец и моќник? „Нема правда, нема мир“ беше паролата на „шарените револуционери“. Пет години подоцна исто нема ниту правда, ниту мир. Ама сега истите тие молчат како такви под кошули.

„Едно општество за сите“ беше основната мантра, која требаше да значи некаква пресвртница и обединувачка алка во поделеното општество. Ајде секој сам нека донесе субјективен заклучок кога и дали Македонија и нејзините граѓани биле некогаш по поделени од сега, особено Македонците меѓу себе? Секој позитивен заклучок ќе нема никаква врска со реалноста. Не затоа што воопшто нема неподелено општество, туку заради фактот што нема никаков, ни политички, ни општествен, ни државен, ни национален консензус по ниту едно клучно прашање и сите работи се туркаат со гола политичка моќ и сила.

Со претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија помина две светски економски кризи. Но, граѓаните тоа не го почувствуваа, како што сега ги чувствуваат последиците од пандемијата. Над 50.000 лица останаа без своите работни места. Странските инвестиции бегаат од Македонија како ѓавол од темјан. А, како нема да бегаат кога нема ни правна сигурност, ни даночна стабилност?! Четири години беа малку за власта да се одлучи дали сака рамен или прогресивен данок.

Изградба на автопатот Охрид-Кичево, септември 2015 година
Фотографии од октомври 2020

Најмалку две капитални инвестиции во инфраструктурата не се помрднат од место. Пругата кон Бугарија стана предмет за обвинување на Македонија, а цената на автопатот Кичево-Охрид се зголеми речиси за повеќе од двојно. За негово довршување четири години и беа малку на власта. Да, го пушти во употреба автопатот Миладиновци-Штип, но без употребна дозвола.

Бесплатно здравство за сите, беше едно од ветувањата. Ни бесплатно, ни за сите. Власта прогласи кризна состојба за време на пандемијата, но ни сакаше, ни знаеше како и за што да ја искористи. А, можеше барем да ги изедначи цените на услуги во државното и приватното здравство. Вака, цели семејства останаа и без блиски и без пари. Зашто, лекувањето од Ковид-19 во приватниот сектор чини вистинско богатство. Тредба ли да се споменуваат цените на медикаментите по аптеките од почетокот на пандемијата и сега? Ќе биде залудно и неспоредливо.

И реформите во образованието беше едно од ветувањата на владејачката гарнитура. Залудно. Тоа што власта сега сака да го направи е антиреформа, а не реформа. Дигитализацијата е природен процес за кој се неопходни и предуслови и соодветни услови, и тоа апсолутно не ги исклучува печатените учебници од употреба. Зад дигитализацијата се крие само исполнување на дадени ветувања кон соседите и бришење на одредени сегменти од историјата и ништо друго. А, можерби и нешто друго-како по обичај, пари! Само на ова јавно поставено прашање се уште се чека на одговорот.

Ова е само дел од големата слика. Ако таа се погледне или разработи подетално и целосно, тогаш работите се уште потрагични и пострашни. И тоа нема да биде ширење дефетизам, туку чисто соочување со реалноста, на која, за жал, власта на СДСМ и на Зоран Заев се уште гледаат со розови очила.


Извор: Пресинг ТВ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.