Синко, ние се пишавме Бугари, и Ѓупци ќе се пишеме само за да не бидеме Грци, раскажa денеска еден од учесниците на научната конференција „Македонија: историја, јазик и култура“ во Скопје.

Научните институти за национална историја, за социолошки, политички и правни истражувања и за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, по повод 70-годишнината од завршувањето на Граѓанската војна во Грција, денеска ја организираа оваа научна конференција.

Професорот Петар Атанасов од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања истакна дека конференцијата има три главни цели.

Да се осврнеме уште еднаш на богатата историја, но пред се на драмата што Македонците од Република Грција ја доживеаја пред 70 години и да разговараме на ниво на науката, на теоријата, да разговараме и да истражуваме што било, како било за идентитетот, за историјата, за бегалската криза. И пред се, сакаме да оставиме запис за идните генерации овие теми да ги елаборираме, да разговараме, да пишуваме за нив затоа што е важен дел од нашата историја, рече проф. Атанасов.

Во воведното обраќање тој, меѓу другото, кажа дека при подготовката на конференцијата е увидено дека во општествените науки во поново време речиси и да нема магистерска тема или докторат со оваа тематика.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, како што истакна проф. Снежана Веновска-Антевска, сметаше дека е добро да се вклучи во одбележувањето на 70-годишнината од Граѓанската војна, иако во рамки на одделенијата во Институтот, особено во Одделението за дијактологија, Одделението за ономастика се обработувани теми од македонските јужни говори, односно од егејските говори. Нивниот придонес, вели таа, се истражувањата на македонскиот јазик на ниво на етничка територија секаде каде што се зборува и каде што се зборувал во овој период, во периодот на Граѓанската војна.

Нашиот влог е истражување делови од македонскиот јазик преку дијалектите, преку одредени личности како што се Ристо Јачев или како што е Ката Мисиркова, особено како што се оние македонски автори што се занимале со т.н. егејска тема, рече проф. Веновска -Антевска.

Потребата научно да се елаборира надвор од другите гледишта и видици на оваа тема е многу голема, потенцира професорката.

Денес ние ќе покажеме во оној дел каде што е јазикот колку хомогена и компактна е таа македонска јазична територија што се простира надвор од границите на Република Македонија, истакна проф Веновска-Антевска.

Професорката Катерина Мирчевска од Институтот за национална историја истакна дека од пријавените реферати може да се види оти нашите колеги сакаат да кажат во оваа прилика што досега постигнала македонската историографија на темата на Граѓанската војна во Грција, поконкретно за учеството на Македонците во Граѓанската војна. Опфатен е и бегалскиот аспект на Граѓанската војна односно населувањето на македонското население избегано од своите домови во Македонија и во останатите источноевропски земји, за положбата на Македонците во Народна, па Социјалистичка Република Македонија и натаму.

Имаме и некои нови интересни теми што претставуваат резултат со современите текови во светската историографија, па имаме еден антрополошки, социолошки аспект застапен на бегалското прашање односно на прашањето за интеграцијата на Македонците во нашата држава. Ќе имаме излагања што се однесуваат на усната историја. Се надеваме дека еве во оваа прилика ќе дадеме еден повеќеаспектен приказ на Граѓанската војна, на нејзините последици, на македонското население избегано од таму и населено во останатите земји и особено во однос на Македонија како тоа се рефлектира, се одразува и се интегрира во нашето општество, рече Мирчевска.

Евгенија Николовска од Здружението на деца бегалци „Тга за југ“ истакна дека во текот на целата оваа година се одбележува крајот на Граѓанската војна и тоа под мотото „Да не го заборавиме минатото, но да се стремиме кон подобра иднина“.

Да не заборавиме од каде сме, да не заборавиме кои биле нашите предци, да не ги заборавиме командантите на егејските бригади… Да секаде во светот има Македонци, но има и Грци, меѓутоа и во соседните држави и Македонци, Грци, Албанци…ние сме сите заедно браќа и сестри. Тоа што се случило во историјата нема да го заборавиме, но ќе одиме со мотото кон подобра иднина. Зошто да има негативни реакции, не ќе има позитивни. Ние зборуваме за граѓанската војна со апел до сите никогаш да не се повтори тоа, рече Николовска.

На конференцијата ќе биде презентиран 21 труд од научници од Македонија, и еден од Бугарија. Трудовите ги следат и членови на здруженијата на бегалците од Грција.

Димитар Арџелиев, кој бил сведок на настаните за време на Граѓанската војна во Грција и потекнува од местото Сехово односно Идомени, на границата со Македонија, вели дека кога почнала војната било толку тргагично што не може да се опише со зборови.

Тие збиднувања што се случуваа таму пак уште еднаш ќе речам дека не може со зборови да се искаже, тоа е трагедија на народот. Ние поготово од егејскиот – македонскиот идентитет таму во Грција и после тоа се случуваа непријатни работи – од провокации, од разни однесувања на луѓе што ете заради некоја нива, некоја стока или за некоја љубомора се случуваа многу непријатни работи. Кога почна војната ние практично не знаевме кој во кого пука. Ние меѓу себе се чувствувавме несигурно. Тоа се многу трагични работи, многу недоразбирања, многу недвосмислени. Тој однос на луѓето, тоа нетрпение…, раскажа тој за новинарите.

Арџелиев раскажува дека кај себе имал записи од Гоце Делчев, но дека тие изгореле.

Во однос на денешната состојба со Македонците кои живеат во Егејска Македонија вели дека тие живеат под притисок.

Јас имам и роднини и пријатели во Грција. Сега кога бев во Грција меѓу останатото бев и на гробишта. Гледам поделени се гробиштата на бугарски и грчки. Ја прашав тетка ми… Синко, ние се пишавме Бугари, и Ѓупци ќе се пишеме само за да не бидеме Грци, раскажува Арџелиев.

Македонски зборуваат, но сепак понекогаш внимаваат.

Тој живот таму сепак е понатаму е под притисок. Тоа е мој заклучок. Сега малку е олабавено, можеш да зборуваш македонски, но потивко, не толку гласно, има кафеани македонски, има песни македонски, они ме носат таму, играме, раскажа тој.

За Глигор Поповски, кој потекнува од семејство од Егејска Македонија и е роден во Полска, Граѓанска војна во Грција е историски факт.

Факт е дека таа Граѓанска војна ја покренаа комунистите коишто не беа задоволни од новосоздадената реалност во Грција по Втората светска војна, но исто така е силен факт дека во таа Граѓанска војна се вклучија Македонците не толку од идеолошки комунистички причини колку од фактот дека КПГ во тоа време јавно декларираше дека по победата во таа војна што ја започнаа Македонците ќе ги добијат своите права како народ со својот идентитет, право на користење на македонскиот јазик, на школување на својот јазик и сите прави коишто следуваат во врска со тоа. Така што, ако ме прашувате како јас тоа би го нарекол поинаку освен она што го тврди историјата, јас ќе го наречам една голема македонска трагедија, вели Поповски.

Јас, продолжува тој, се родив во Полска, меѓутоа моите родители кои се принудно избегани, не по своја волја, сиот живот копнееле по својата македонштина и по својата Македонија.

Тие дури правеле се што можат нас да не воспитаат како Македонци и да можат да се вратат во Македонија. Се разбира, не беше возможно како Македонци да се вратат во Република Грција бидејќи таму официјално Македонците не се признаваат, така што беа принудени да се вратат во Република Македонија и ние како семејство се вративме тука, посочува Поповски.

Тоа што се случи во минатото, додава тој, било траума и на грчките партизани кои исто така се бореа за промена на тогашниот режим во Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.