Претседателот на Синдикатот на Клинички д-р Горан Беговиќ ја повлече изјавата дека ако има повисоки плати за лекарите ќе има и гласови за СДСМ. Беговиќ пред камерата на Алфа вели дека и да сака не може да се пазари и да тргува со гласови.

Од наредниот месец ќе се радикализира делувањето на Синдикатот со цел остварување на ветувањето за 100.000 денари основна плата доколку целото членство се согласи.

По спорната изјава на Синдикатот, се огласи и министерот Филипче, ама само преку дел од медиумите. Според него, несоодветно било владинотото верување за плата од 100.000 денари да се политизира, но не заборави да спомене оти изборите можеби ќе ја пролонгираат реализацијата.

Во меѓувреме со барање за зголемување на платите, а по долготраен молк, се јави и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита. Оттаму за разлика од синдикатот на Клинички бараат корекцијата на платите за три отсто со ноемвриската плата и дополнителни 16 отсто за сите вработени во здравството, согласно корегираниот процент на минималната плата во државата.

Предизборните говори за 100.000 денари плата за лекарите и после две ипол години останаа само ветувања. Министерот Филипче тврди дека дел од лекарите специјалисти земаат толку, но со дежурства, а здравствените работници бараат 100.000 да изнесува основната плата. Незадоволни од работните услови, голем дел од лекарите ги пакуваат куферите и земаат билет во еден правец, најчесто за Германија. Лани заминале 190 лекари, а само заклучно со септември, во странство по работа заминале 150 доктори на медицина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.