Синдикатот на Клиничкиот центар преку писмено соопштение категорично се спротивставува на иницијативата за формирање Синдикат на УКИМ затоа што потекнува од министерот за образование, а се спроведува преку другите работодавци, што претставува директно мешање на власта во синдикалното организирање.

Во воведот на документот во прилог на соопштението насловено „Основање на синдикат на вработените на УКИМ“ се укажува дека на состанокот од страна на министерот за образование и наука со ректорите и генералните секретари на јавните универзитети во Македонија на присутните им било кажано дека поради планираното зголемување на платите на вработените во јавните универзитети во висина од 10% почнувајќи со платата за јануари 2020 година потребно е да се склучи колективен договор и да се формира Синдикат на вработените во УКИМ.

Во понатамошниот дел на документот се укажува на единицата (факултет или научен институт) да ‘пушти пристапници за членство до сите вработени на единиците (наставен и ненаставен кадар)’, а ‘копии од пристапниците да се достават до генералниот секретар’“, појаснуваат од Синдикатот.

Од Синдикатот на Клиничкиот центар го повикуваат членството да не пристапува кон овој синдикат.

На оние што веќе потпишале им укажуваме дека постапката за основање и дејствување на овој синдикат е спротивна на законот. На оние што во име на единицата доставуваат пристапници за овој синдикат, кој се формира директно по налог од работодавецот, им укажуваме дека прават или направиле постапки спротивни на законот – се наведува во соопштението.

Во соопштението се наведува дека иницијативата, содржината и препораките изразени во дописот и документот се директно спротиставени на конвенцијата бр. 87 на Меѓународната организација на трудот за слобода на здружување и заштита на правото на организирање, 1948, која Република Македонија ја има ратификувано на 17.11.1991 година, на членот 37 од Уставот, а особено на членот 195 од Законот за работните односи, во кој јасно се укажува дека работодавците и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите.

За неверување е препораката на генералниот секретар на УКИМ и од него утврдената членарина од 50 денари месечно да се уплаќа на приватна сметка на идниот претседател, со тоа што тој ќе потпише изјава дека ќе ги префрли на сметката на синдикатот кога таа ќе биде отворена. Истовремено, крајно понижувачка се намената и целта за формирање на овој синдикат, сведени само на покачување на платите на вработените од 10 отсто – велат од Синдикатот.

Од таму велат дека постапувајќи по дописот на генералниот секретар на УКИМ и документот во прилог, во претходните денови била вршена агитација во одредени универзитетски клиники и институти, Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ – Скопје, а особено на Медицинскиот факултет, УКИМ Скопје, за зачленување членови на Синдикатот на Клиничкиот центар од наставно-научниот кадар во овој синдикат во формирање.

Синдикатот на Клинички центар има искуство со синдикат формиран и организиран од работодавач или т.н. синдикат по нарачка, а во нашиот случај како контрасиндикат. Нејасно е како во изминатиот период владеачките партии не го разбраа по нив негативниот ефект од ваквите синдикати по нарачка – велат од Синдикатот на клинички.

Во меѓувреме со изјава се јави ректорот на УКИМ, Јанкулосвки, според кого, формирањето на синдикална организација на универзитетите не е спротивно со ниеден закон.

Кога станува збор за прашањето на јавен сектор, потпишувањето на синдикални колективни договори е секогаш меѓу основачот и синдикалната органзиација. Ние ректорите секогаш се трудиме да го подобриме квалитетот во високото образование, да ги подобриме условите за работа и стандарпт на вработените во универзитетите. Формирањето на синдикална организација на универзитетите секако дека не е контраиндицирано со ниеден закон. Тоа го дозволува и член 220 од Законот за работни односи. Неосновани се нападите врз нас ректорите затоа што законот тоа го дозволува да секој основач на јавна установа потпише договор со репрезентативна синдикална организација. Оваа шанса која ни е наведена за покачување на платите од 10 проценти сметаме дека не треба да се пропушти, особено кога се е во рамки на законската регулатива – рече Јанкуловски.

Заради краткиот период, тој вели, на состанок на ректорите на јавните универзитети со ресорниот министер заеднички одлучиле со Министерството за образование и наука единствена точка на колективниот договор да биде покачувањето на платите, а потоа, додава, тој договор ќе се проширува со други точки, кои ќе бидат препуштени на автономното функционирање на таа синдикална организација.

Од друга страна ректорот Никола Јанкуловски вели дека формирањето на синдикална организација на универзитетите не е спротивно со ниеден закон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.