Текот на пописот е во рамките на она што го очекувавме, па дури и со темпо кое што мислиме дека е подобро од очекуваното. Дневно во работни денови, просекот на попишување е околу 100.000 лица, за викенд е нешто подобро и очекуваме следниот викенд да биде уште подобро, изјави денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, во „Утрински брифинг“.

Факт е, посочи Симовски, дека населението масовно ја прифаќа оваа операција и сите обидите пописот да се бојкотира и пропадне, паѓаат во вода.

Цел на напади, откако почна пописот е нашата веб страница, меѓутоа таа нема врска со делот на пописот. Не станува за софтверски проблеми, туку за милионски постојани напади во текот на сите овие денови. Имаше обид да се нападне и системот за пописот. На два пати се има тоа случано и двата пати се успешно одбиени. Немаме повеќе такви случаи, смета Симовски.

Постојат, посочи Симовски, одредени структури кои што не сакааат пописот да се спроведе.

Не можам да разберам од која причина. Ако е причината борба за власт или било што друго, а притоа да се уништи државата, тогаш чуму е таквата власт. Меѓутоа, очигледно дека постојат такви структури и можеби имаат нешто вмешано и во вој дел, но не знам и не сакам да шпекулирам, изјави Симовски.

Во однос на информациите за бројот на граѓани кои се изјасниле како Бугари, Симовски рече дека никој досега немал пристап до базата со податоци за да може да постои таква информација.

Тоа е „чиста глупост“ и мислам дека такво нешто не заслужува коментар. Никој жив досега нема влезено во податоците кои се собрани од пописот. Ниту едно, единствено лице. Целиот систем е со однапред предвидена заштита за било какво влегување во него, па дури и од нашите вработени, изјави Симовски.

Податоците, посочи Симовски, ќе бидат достапни откако ќе заврши пописот и вкупната обработка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.