За нас претставува јасен приоритет пристапувањето на Македонија и Западен Балкан во ЕУ и затоа е особено важно да се усвои преговарачката рамка за  Македонија и Албанија во најкраток можен рок. Ние се надеваме дека сите засегнати страни ќе направат обид за постигнување на оваа цел до крајот на овој месец – истакна амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри на вечерашното одбележување на Денот на пријателството меѓу Македонија и Италија што се одржа на плоштадот во Струмица.

Силвестри се осврна и на македонско-италијанските односи, кои ги оцени како извонредни и кои уште повеќе се зацврстиле по неодамнешната посета на македонската владина делегација на Рим.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, во своето обраќање подвлече дека пријателството меѓу двете држави се продлабочува на многу полиња, а едно е и изучувањето на италијанскиот јазик како втор странски јазик во основните и средните училишта.

Ова што вечерва се случува на струмичкиот плоштад е своевиден симбол на пријателство, но пријателството е многу повеќе од еден таков симболичен чин. Пријателството значи приврзаност, меѓусебна наклонетост, разбирање, искреност, сочувствителност, срдечност и уште многу други нешта, а токму тие нешта се вистински одраз за македонско-италијанските односи. Нас не поврзуваат песните, виното, храната, културното наследство, отвореноста и менталитетот, па и покрај суштинските разлики на тие нешта, сепак постои сродност која е засилувач на пријателството меѓу нашите земји и народи – изјави Костадинов.

Во чест на Денот на пријателството настапија „знаменосците“ од Тоскана – „Città di Castiglion Fiorentino“. Групата се занимава со средновековна уметничка игра со знаме и којашто преку визуелен перформанс и ренесансни костими ја прикажаа италијанската традиција и култура, умешно изведувајќи богати и спектакуларни кореографии со префинети техники и хармонија на движењата. Настапија и струмичките мажуретки, играорното друштво „Фолклорна низа“ и студиото за модерни танци „One Way“, љубители на танци и ученици од СОУ „Јане Сандански“ од Струмица.

Настанот го организираше Здружението за промоција на италијанскиот јазик и култура „Quo Vadis Ad Astra“ од Струмица, во соработка со Општина Струмица и Амбасадата на Република Италија во нашата земја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.