Поддршка за европските интеграции на Република Македонија денеска во Стокхолм изрази премиерот на Кралството Шведска, Стефан Лофвен на средбата со премиерот во заминување Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Лофвен констатирал дека нашата земја направила видлив реформски прогрес во делот на правосудството, борбата против корупцијата, добрососедските односи и дека тоа треба да биде вреднувано со исчекор во евроинтеграциите.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот во заминување Заев и вицепремиерката Шекеринска се заблагодариле за постојаната поддршка на демократските и на сите клучни политички процеси за напредокот на Република Македонија.

Работиме на реформите и понатаму со став дека европските перспективи за нас како држава немаат алтернатива. Во очекување сме и на заокружување на НАТО интеграциите. На нашата држава, како и на Западен Балкан и на Европа им се потребни стабилност, просперитет и развој. Потребна им е одржливост. Тоа се процеси во коишто Шведска дава водечки придонес за што сме благодарни – порачал премиерот во заминување Заев на средбата со шведскиот премиер Лофвен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.