Ќе бидам претседател на сите граѓани на Македонија, истакна кандидатката за претседател на ВМРО – ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова на вечерашниот митинг во Струга.

Обраќајќи се пред сите националности ја побара довербата од стружани на претстојните претседателски избори говорејќи за актуелната политичка состојба во државата. Во своето обраќање Силјановска Давкова забележа дека денеска, како што рече, 75 години по АСНОМ првпат на официјална посета не ја слушнавме државната химна.

– Целата македонска приказна е во химната, во борбата за правдините. Денеска премиерот го прекрши Законот за грбот, знамето и химната. Закон што се носи со дво-третинско мнозинство. Закон во кој се вели во било каква официјална средба мора да се емитуваат химните на двете држави – рече Силјановска Давкова.

Таа потсети дека при носењето на Преспанскиот договор укажала оти следно што ќе се менува е химната.

– Држава без химна нема важен симбол. Химната е Македонија. Не ни преостанува ништо друго освен да продолжиме да се бориме за своите правдини. Правото на самоопределување е основот на создавањето на Обединетите нации, меѓу нив е и македонската. Нема право на самоопределување без право на свое име, знаме, химна, себе идентификација, само идентификација. Само оние кои веруваат дека нешто без корен како Северна Македонија може да опстои не водат сметки за химната – заклучи каднидатката за претседател на ВМРО – ДМПНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.