Под наслов „АЛБУМ“, професорката Гордана Силјановска Давкова на својот фејсбук профил објави текст во кој вели дека локалните избори ја потсетуваат на албум со исти слики: исти ликови, исто сценарио, ист амбиент.

ПРВА СЛИКА:

на бината, Заев и неговите најблиски; зад нив- партискиот младински хор/декор; најнапред, носителите на највисоките политички и партиски фунции – министрите! Кандидатите за градоначалници беа во сенка на ЛИДЕРОТ. Тој, секаде и секогаш зборуваше прв и најдолго, како што му личи на еден АВТОРИТАРЕН и ТОТАЛИТАРЕН ЛИК, несуден нобеловец, помилуван ГЛОБАЛ(ист), ослободен ТРИЛАТЕРИСТ (по едно евро за сите тројца).

Сликите имаат чудна моќ: без да зборуваат многу да кажат.

ВТОРА СЛИКА:
ДУИ „зеленило“, небаре политички градинари: претседателот на Собранието, г-динот Талад Џафери, собраниски „батлер“; Али Ахмети, дваесет години оправдано отустен од Собранието, веројатно заради посветеност на „научно- истражувачката работа на зелената агенда, како и селекцијата на етничкиот политички материјал на сите високи позиции во сите државни органи, од владата, преку собранието, судовите, народното правобранителство ; првиот заменик „батлер“ , г-динот Артан Груби, авангарден предводник на млади етно-фиданки и расчистувач на „отровните “ билки на Калето! Тие ја модерираа ЕТНО – еко работилницата на г-динот Бејта, кандидат за главен градинар на Гостивар, наспроти д-р Таравари.

МНОГУ СЛИЧНИ ПАРТИСКО СЕМЕЈНИ СЛИКИ, многу прашања: прво, што стана со начелото на хоризонтална поделба на власта, односно што бараа претставниците на извршната и законодавна власт на место за кое се решава за локалните работи; второ, кој ја брише поделбата на власта на централна и локална и нели локалната треба да ја ограничи, а не да ја обедини власта; трето, што стана со автономијата на локалната власт, гарантирана со Европската повелба за локална самоуправа, со Уставот на Република Македонија, со Законот за локална самоуправа и со многу други закони; зарем може партијата и централната власт да бидат промотори и гарантори на локалната власт, небаре нејзини старатели ?

Локалните избори треба да им припаѓаат на локалните актери, а кампањата се одвива меѓу нив и жителите на општината, оти се однесуваат на локалниот живот!

Ако егзекутивата доминира над легислативата, ако централната власт доминира над локалната, ако партискиот патрон и неговата камарила клиентелистички доминираат над обете, ќе се соочиме со домино ефектот при падот на тоталитаризмот и авторитаризмот, небаре Вавилонска кула или тврдина од пепел!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.