Изборниот караван на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска – Давкова и коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг во Струга. Силјановска Давкова барајќи ја довербата од стружани забележа дека во градот, но и во државата, народот може да живее од туризам и култура, односно културен туризам.
Посочувајќи го примерот дека Европската унија доделува годишно по 10 награди на најуспешни писатели од земји членки во Унијата, но и дека од Македонија има тројца такви добитници, иако не сме членка, рече дека треба да ја славиме уметноста и да се насочиме кон културата.
– За мали држави образованието, спортот, науката и културата ќе ве направат големи, особено ако развивате и културна дипломатија, ако развивате економска дипломатија. Тие се моќни покрај традиционалната дипломатија во синергија со владата. Затоа овие избори се неразделни, рече Силјановска – Давкова.
Побара поддршка од стружани со ветување дека нема да ги засрами, дека достоинствено ќе ги претставува, дека ќе ја почитуваат Македонија.
– Моето искуство надвор, во Венецијанската комисија и во Советот на Европа налагаат поинаков однос кон мене кога ќе кажам дека ја претставувам мојата Македонија, вашата Македонија. Твојата Македонија да си ја повратиме, рече кандидатката за претседател на ВМРО – ДПМНЕ.
Таа, како што рече, планира претседателската функција да ја направи пристојна и одоговрна, функција што ќе ја претстави Македонија како горда и Европска држава.
– Ќе бидеме горди на Македонија и на Струга, ако имаме држава која е стандардна, средена, втемелена во владеењето на правото. Држава која е мала, но ги има сите државни нишани. Оваа држава во моментот не е таква. Со судство кое е зависно, со судии наместо субјекти на почитување на правото, правдата, Уставот и законите, кои се во длабока спрега со партиски и олигархиски групи и не судат според уставот и законите и не го споменуваат меѓународното право, ама велат дека се европјани неможе да градите правна држава, нагласи Силјановска – Давкова.
Таа забележа и на случувањата во Судскиот совет и во Уставниот суд, а не изостави да ги спомене ниту осудените за 27 април.
– Во Уставниот суд треба да седат двајца судии или две судијки, предложени од претседателот, односно од претседателката. Тие треба да бидат врвот во правната професија, да го имаат угледот, да зрачат со достоинство и знаење. Тогаш Македонија ќе биде горда на Уставниот суд кој што во многу држави е еден од најважните фактори на демократизацијата на политичкиот систем, смета кандидатката за претседател на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата.
Забележа и дека правна држава не може да се гради со, според неа, администрација преполнета со партиски послушници и политички војници.
Доколку стане претседател на државата вети дека ќе биде постојано со народот и повторно ќе ги врати народните канцеларии, подвлекувајќи дека актулениот претседател немал ниту извештај за сработеното.
– Гласот за професорката Гордана Силјановска Давкова значи крај на понижувањата и поразите кои ги преставуваат од власта за победи. Крај на непромислената и лековерна политика зад која седат лукративните интереси на стотина политичари, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Струга.
Барајќи ја довербата на стружани, својот глас да го дадат за нивниот кандидат Силјановска Давкова, посочи дека таа е жена со став и принципи.
– Како и сите нас, и таа можеше да си одбере мирен и спокоен живот, но е во политиката затоа што има знаење, има интегритет и затоа што сака заедно со нас, со народот да ги менува работите на подобро. Изборот на Гордана за претседател е избор за горда Македонија, држава која ќе се води со знаење и со ставови. Човек со свое обележје и лидер кој ќе ја преставува и брани Македонија во светот, рече Мицкоски.
Клучот на овие избори, подвлече, е излезноста, и гласот на тивкото мнозинство.
– Оние луѓе, кои најмногу се кршат, врз кои има најмногу неправда и мора да ги променат работите со силата на нивниот глас. Лошите политичари ги носат луѓето кои не гласаат и затоа власта би се радувала на евентуална ниска излезенот. Премолчувањето на ваков дебакл од владеење значи награда за оваа власт. Затоа на следните избори излезете и гласајте потребна е голема излезност, потребен е секој глас и секој човек да се обедини околу Гордана Силјановска Давкова, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ забележа дека народот нема контрола врз државата, односно, како што рече дека државата е подарена на ДУИ и СДСМ. Овие избори, според него, се за тоа, дали ДУИ ќе продолжи да владее или ќе биде испратена во опозиција.
– Дуизацијата на Македонија не значи само девастирање на институциите и системот, туку и одземена контрола на народот над државата. И кога ќе речам народот, тука мислам на сите граѓани на Македонија. Затоа што сите подеднакво страдаат од тоа што тандемот Ковачевски-Ахмети и го прават на Македонија. Македонија е посилна од оваа тесна клика која сака да управува со животите на сите. И силата лежи на овие избори, во моќта да се преземе контрола над своите судбини и да се заокружат промените. И таа сила е народот. Доаѓа крајот на тие кои печалат над несреќата на народот, рече Мицкоски.
Тој упати порака до младите да не се откажуваат од државата, бидејќи без нив и нивната енергија нема промени. На бизнисмените им порача дека од нив зависи дали, како што рече, петтемина од ДУИ ќе ја водат државата со СДСМ или на правилен начин согласно закон ќе се работи и вистинскиот квалитет ќе биде награден.
Упати апел и до стружани и сите граѓани да гласаат за себе и за своите најблиски да го поддржат бранот на промените, бидејќи, според него, овие избори се последната шанса за спас.
Мицкоски порача народот да излезе масовно и да ја избере Гордана Силјановска Давкова за претседател на Македонија, бидејќи, нагласи, доста е гледање како пропаѓаме како држава и доста е од политичари кои не го слушаат својот народ.
ВМРО – ДПМНЕ претходно одржа митинг во Вевчани, а караванот продолжи во Рсен со претставувањ ена претседателскиот кандидат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.