„Од кого ни извира нам легитимитетот за уставни измени од ЕУ или од граѓаните? Што велат граѓаните?“, праша денеска пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова од собраниската говорница.

Таа смета дека за ова треба да бидат прашани граѓаните.

– Не треба ли да ги прашаме граѓаните дали се за ваква измена? Владата не може да презема обврска наместо Собранието. Неповикано вршење на туѓи работи, кажа пратеничката, додавајќи зошто не се стави на гласање преговарачката рамка, туку само заклучоците.

Таа посочи дека зборот изолација е погрешно толкуван, а ЕУ не смее да го заборави Брегзит.

– ЕУ мора да знае дека нема да има проширување ако не го повтори примерот со Словачка и Чешка. Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, но членот 8 од Лисабонскиот договор повикува на реципроцитет. Бугарија е потписник и ја ратификуваше Конвенцијата за малцинства. Бугарија има Совет за малцинства, а таму ги нема Македонците, порача Силјановска-Давкова.

Според неа, образложението за отворањето на Уставот е „катастрофа“.

– Не можеме од Преамбулата да правиме именик. Важно е да се применат копехагешките критериуми. Јас граѓани ве уверувам дека ние сме ваши претставници и ќе гласаме по сопствено уверување, додаде пратеничката.

На крајот, побара предлогот да не се поддржи и да се прашаат граѓаните на избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.