ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе започне со собирање на најавените најмалку 10.000 потписи за поништување на Законот за попис, кој денеска е објавен во Службен весник.

Пратеничката и универзитетска професорка Гордана Силјановска Давкова на денешната прес-конференција образложи дека постапката ја покренуваат бидејќи во минатото опозициските партии поднесувале предлози за закони, но тие никогаш не биле ставани на дневен ред во Собранието. Поради тоа ВМРО-ДПМНЕ се одлучила да собира потписи од граѓаните за поништување на Законот за попис.

Затоа идејата беше за да се каже дека пописот мора да е статистика а не политика, пописот мора да води сметка за граѓаните, за индивидуите, а не за партиите да се инсистира на тие 10.000 потписи бидејќи овластен предлагач на закони се 10.000 граѓани. Би сакала тој број да е многу, многу поголем. Зошто? Тогаш би се нашол на дневен ред …, рече таа.

Коментирајќи ги, како што рече, политичките изјави за евентуалниот резултат од пописот Силјановска Давкова потенцира дека правилата треба да се извесни во законот, а резултатот статистички, а не да биде политички прашувајќи зошто ни е попис ако некој знае однапред каков би требало да биде резултатот.

Силјановска Давкова во однос на попишувањето на дијаспората рече дека „оние кои се надвор подолго од 12 месеци се жители таму“.

Во Франција, во Британија, во САД и таму ги попишуваат ама државјани се и овде и можат заради активното и пасивното избирачко право можат да учествуваат во политичкиот живот, но за жал нив ги нема. Некој им го суспендира избирачкото право и немаме ниту еден претставник од нив во Собранието, рече таа.

Пратеничката од опозициската пратеничка група Силјановска Давкова изнесе низа аргументи, што според неа, укажуваат на политичката димензија на Законот за попис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.