Гордана Силјановска Давкова на Фејсбук за лапсусите на митинзите.

Драги мои,

Забележуваат дека сум направила некој лапусус на митинзите. Се случува. Секому може да му се случи, особено ако има таква агенда како мојата. (Си велам, среќа што Македонија не е голема како Франција)

Но, забележуваат ли дека знам да се извинам кога ќе згрешам? Ете, и за најмала грешка… А си имаме работа со луѓе кои погазија и збор и морал и право – и не само што не носат одговорност за тоа, ниту се извинуваат, туку бараат НИЕ да им се извиниме за нивните грешки.

Не е страшно, човечки е да се направи лапсус. Уште почовечки е да признаеш таква грешка и да побараш прошка. Но, страшно е кога носители на извршна власт се однесуваат според онаа старата „кадија те тужи, кадија те суди“ – а не се ни кадии! Македонскиот народ никогаш нема да прости за нивните „грешки“ и „лапсуси“ – во уставот, законите, Преспанскиот договор.

Други ми забележуваат дека било несвојствено за кандидатка на опозицијата да практикува јога!? Да биде вегетаријанка! И забележуваат дека иако професорка, на видеоспотот сум се нашла и во кујната. Да, драги мои! Сето тоа сум јас: сложено ама и едноставно човечко суштество! Јас не се срамам што живеам обичен живот, што перам и готвам, средувам по дома, се грижам и за семејството, и тоа се грижи за мене. Небаре е голема работа да си обичен човек од Муртино и да те викаат зајченце миличко, а мене не ми доликувало да се претставам во светлината на мојот секојдневен живот.

Имајте убав викенд, ви благодарам за сета поддршка – од народот, за народот, со народот!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.