LOOSE – LOOSE политика, наместо WIN- WIN статистика!, вака професорката по уставно право и пратеник Гордана Силјановска Давкова го коментира најавениот попис и лажната закана на директорот Симовски за наводните казни за непопишувачите.

Намерно или случајно, деновиве, најцитирана изјава од гостувањето на директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, на емисијата „Win-win” е онаа за ЗАКАНАТА со казна: парична или „затворска казна до 5 години, како за физичкото лице кое ќе одбие да даде податоци на пописот, така и за „МОТИВАТОРОТ“, по кривична пријава на Заводот. Директорот го помешал членот 50 со членот 49, иако се однесуваат на различни субјекти. Наместо статистички, зазвучи политички, па дури и јавно-обвинителски. А потем?, вели Силјановска Давкова.

Ај што ја ја чувме дезинформацијата по сите медиуми, додава, небаре е „законска одредба“, а не погрешна информација, туку и ги анкетираа граѓаните за ставот во однос на измислената санкција!

Никој не се сети да го цитира членот, ниту да побара да му го цитираат!
Патем, компаративниот преглед на правно утврдените санкции во законите за попис на различни европски држави за недавање податоци, ЈАСНО открива дека БЕЗ ИСКЛУЧОК, секаде, оваа повреда се квалификува како прекршок и се санкционира парично, а никаде затворски! Така е и кај нас. Ама, кога живееме во земја во која политиката се практикува како борба за моќ, а не како процес/процедура, или партиципација, ќе не ЗАПЛАШУВААТ и КАЗНУВААТ, наместо да не убедуваат, не само политичарите на власт, туку и нивните експерти, во улога на надриправници – „ЕВРОКУЛТИВАТОРИ“!, коментира професорката.

Потсетува дека има МОЛК на овластените и пасионирани ловци на fake-news, како и страв кај граѓаните дека „ќе одат в затвор“, ако не ги дадат бараните податоци, оти така кажал директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски.

Се сетив на сличните закани во предрефендумскиот период за Преспанскиот договор, иако во Македонија не постои задолжително гласање, се сетив дека во 1991 година, на повик на албанските политичари имаше бојкот на пописот, се сетив дека и во 1994 година имаше делумен бојкот. Ама, санкции немаше, се разбира.
Прашувам: дали директорот на Заводот за статистика „заборави“ да ја цитира законската одредба од членот 51, според која: „Глоба во износ од 200 – 300 евра, во денарска противвредност ќе се изрече за ПРЕКРШОК на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за пописот, или ако даде неточни податоци. Се чудам каде ја прочита законската одредба за одговорност на „поттикнувачот“ или „МОТИВАТОРОТ“, кога таква не постои? Можеби ставот на својата партија СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициони партнери, односно нивната пратеничката група како „АНИДРЖАВЕН МОТИВАТОР“, што треба да се КАЗНИ „го преточи“ во непостоечка норма?
„АНТИМОТИВАТОРИТЕ“, односно ЗАКАНУВАЧИТЕ, го превиделе членот 15 од Законот за прекршоци, во кој дословно пишува: „ Нема одговорност за поттикнување и помагање на прекршок, освен во случаи определени со закон! Во тукушто донесениот закон, таков случај НЕМА. За разбирање на безвредноста на изјавата на директорот за покренување кривична постапка што може да резултира и со затвор, треба да се прочита и членот 26 од Законот за прекршоци, во кој е утврдено дека : „ глобата за физичкото лице се состои во плаќање на определен паричен износ, кој не може да биде помал од 15 евра во денарска противредност, ниту поголем од 250 евра, освен ако со законодавството на ЕУ не е поинаку определено!, потенцира таа.

Додава дека за нашиов ПОПИСЕН случај, звучи интересно ставот (1) на членот 21 од „Законот за прекршоци“:„ Кога прекршокот е сторен под особено ОЛЕСНУВАЧКИ околности, глобата може да се ублажи до општиот законски минимум од членот 26, што значи 15 евра!

Но, уште повалиден е ставот (2) на членот 21 што гласи: „кога прекршокот е извршен под ОСОБЕНО ОЛЕСНУВАЧКИ ОКОЛНОСТИ, судот може да го ослободи сторителот од санкционирањето, ако САМ ГО ПРИЈАВИ! Како гледаат на Ковид -19 како околност?
Понатаму, ги прашувам директорот, но и неговите СОПАРТИЈЦИ, кога го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група на коалицијата за „ деструкција“ и „ анти-државно дејствување“ : дали знаат дека Уставот е LEX SUPERIOR (највисок правен акт)? Може ли да го прочитаат уставниот член 39, став (2) : „граѓанинот има ПРАВО И ДОЛЖНОСТ да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“! Ако е во прашање НАЈОБЕМНАТА СТАТИСТИЧКА ОПЕРАЦИЈА, во која е предвидено и директно попишување, а не само електронско, како ќе ја реализираме горецитираната уставна норма ? Зарем веруваат во пописот како метод на стекнување брз колективен имунитет, или како Лиде веруваат дека министерот за здравје, небаре Мерлин или волшебникот од Ос, со своите натчовечки способности ќе ги штити ем попишувачите, ем попишуваните, ем членовите на пописните органи?, пишува Силјановска Давкова.

Ги прашувам, додава, „ДРЖАВОТВОРЦИВЕ“ и „ ДРЖАВОБРАНИТЕЛИВЕ“: зарем „несериозната“ препорака на ООН, „неодговорно“ ја прифатиле Германија, Шкотска, Ирска, Србија, Романија, Бугарија, кога ги одложиле пописите, иако во сите нив, здравствениот систем е далеку подобар од нашиот, а вакцинирањето е реалност, за разлика од кај нас, каде вакцинаците се неизвесна иднина, а да не говорам за вакцинирањето?

Би сакала да си замине вирусот час поскоро, би сакала да имаме ПОПИС како стандардна статистичка операција по ИЗВЕСНИ ПРАВИЛА , а не политичка операција со ИЗВЕСЕН РЕЗУЛТАТ! Не е доволно да му залепите на еден законски текст европско знаме, туку да втемелите на стандарди. Џабе е повикувањето на ЕУ регулативите, ако не се вградени во него, туку се најавува дека ќе се вградат на пописот во 2031!
Овој закон не ме прави среќна, оти не личи на европските закони за попис, ниту на оние од државите во регионот. Не мора да ми верувате на збор, само отворете ги словенечкиот, бугарскиот, хрватскиот или српскиот и споредете го нашиот со нив. Не е сличен, различен е. До кога ќе бидеме различни таму каде што сите се стандардни?
И на претседателот Пендаровски му препорачувам да го отвори Законот за попис на Хрватска, на пример и да го спореди со „ нашиот“ пред да го поттпише указот за прогласување!, потенцираше професорката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.