Професорката Гордана Силјановска Давкова во колумна пишува за ланскиот референдум, за промена на уставното име на државата.

Силјановска, која беше претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, пишува дека минатата година на 30 септември го слушнала најгласниот македонски граѓански молк, со што пропадна референдумот, односно граѓаните кажаа дека не сакаат да се промени името на државата – Република Македонија.

На 30 септември 2018 година, ГО ЧУВ најгласниот македонски граѓански молк. Ќе го помнам навек како ден кога јасно и гласно го негиравме чинот на божемното барање одговор на веќе плебисцитарно позитивно одговореното прашање на 8 септември, 1991 година: „дали сте за самостојна и независна држава Македонија“. 

БОЈКОТОТ беше логичен одговор на обидот на власта, во украдено или „позајмено“ НАТО-ЕУ руво од типот : „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, намерно нејасно и непрециозно правно формулирано, онакво какво што ниту едно референдумско прашање правно не смее да биде, да ја легитимира промената на името.

Сведоци сме на „најсрамното прашање во историјата на референдумите“, рече шпанскиот конституционалист, Карлос Флорес Хубериас за македонското референдумско прашање.

30 септември е ден на победата на граѓанската тишина над авторитарната и тоталитарна врева на скапо платениот оркестар, присобран ваму-таму, подготвен да свири по сечии ноти, под диригентската палка на ОНОЈ, кому не му е местото ниту горе, ниту напред, оти е врзан за сидрото, по сопствено признание, пишува Силјановска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.