Oдлуката на Владата на Шведска да ја потврди проценката на Врховниот суд дека не треба да се екстрадира Дејан Давидовски, обвинет во земјава за насилството во Собранието, „не треба на ниеден начин да биде протолкувана како позиција на шведската влада во врска со тоа што се случи на 27 април 2017 година“, велат за „360 Степени“ од Амбасадата на Шведска во Скопје.

„Демократијата мора да оди по својот тек без насилно мешање. Насилните дејства што се случија тој ден беа и остануваат неприфатливи“, велат од шведската амбасада.

Оттаму додаваат дека одлуката на владата во Стокхолм е „очекувана, бидејќи таа не смее да екстрадира доколку Судот утврди дека постојат законски пречки“.

„Кривичното дело за кое се бара да биде екстрадиран, од шведскиот врховен суд се смета дека припаѓа на групата ,политички кривични дела’ за кои, согласно шведскиот закон за екстрадиција, ние не екстрадираме. Ова, исто така, е вградено и во Европската конвенција за екстрадиција“, велат од Амбасадата на Шведска и посочуваат на член 6 од шведскиот закон за екстрадиција од 1957 година.

Делото за кое Давидовски е обвинет овде, е кривично дело и во Шведска, додаваат од Амбасадата и посочуваат дека „поглавјето 18, член 1 од шведскиот кривичен законик вели дека за слични кривични дела во Шведска се предвидува затворска казна до 10 години“.

„360 Степени“ веќе пишуваше дека во случајот со Давидовски станува збор за широко применет меѓународно-правен стандард, содржан и во нашиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја. Во член 53 од Законот експлицитно пишува дека „екстрадиција нема да се одобри за политички кривични дела или дела поврзани со тие кривични дела“.

Дејан Давидовски, во интервју за ТВ Алфа, вчера рече дека „одбивањето на Врховниот суд за екстрадиција е силен шамар за Заевата хунта и дека појасна порака за тоа што се случува во Македонија и за обвинетите и осудените за 27 април – здравје“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.