За десет отсто да се зголемат платите на вработените во здравствената администрација и на помошно-техничките лица во јавните здравствени установи, кои не се некоја голема ставка и трошок за зголемување, бидејќи административците во здравството не дежураат. Сега се создадени услови за зголемување на платите, буџетите се формирани, добро се направени, перспективни се и вклучуваат нови вработувања и зголемување на платите. Ако не се исполнат нашите барања ќе побараме од синдикатите овој протест да се претвори во генерален штрајк на административните службеници во здравствените организации.

Ова денеска го изјави Лела Јеремиќ од Психијатриската болница во Скопје на протестот на здравствената администрација и помошно-техничкииот пероснал на јавните здравствени установи, што се одржа пред Министерството за здравство.

Таа посочи дека се организираат да поднесат тужби доколку биде потпишан анексот на Колективниот договор и ќе поведат иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост. Сите правни мерки, потенцира таа, ќе ги примениме за да успееме во нашите барања, а тие се основни права што ние ги заслужуваме по основ на работен однос, а тоа е право да не бидеме дискриминирани, односно право да бидеме третирани еднакво со другите вработени.

Не се исполнети нашите барања иако имавме преговори кои мислевме дека ќе се решат позитивно. Во многу чекори се согласивме и ги убедивме и министерствата за информатичко општество и администрација и за здравство дека нашата здравствена администрација е посебна во задачите што ги извршува, но се изненадивме со последната изјава на министерот за здравство дека таа нема да биде вклучена во зголемувањето на платите и со потпишувањето на анексот на договорот нема да внесена во Колективниот договор. Им благодариме на сите синдикати кои дадоа поддршка и очекуваме да не ги потпишат анексите на Колективен договор додека не се зголеми платата на сите вработени. Очекуваме дека ако не се исполнат нашите барања дека тие ќе организираат генерален штрајк на административните службеници во здравствените организации, рече Јеремиќ.

Нашите црвени линии, појасни, се десет отсто зголемување на платите, бидејќи неколку пати се зголемуваа платите на здравствениот персонал, на соработниците и на помошно – техничкиот персонал еднаш им се зголеми платата, без ние да бидеме вклучени, но сега и тие не се вклучени. Според неа, само со десет отсто зголемување на платата, тие би ја оствариле исплатата по систем на образование, а во спротивно вработените со средна стручна спрема, сестри и друг персонал ќе земаат повеќе плата од правници, економисти вработени во здравствената установа.

Ако се наведува дека ние сме планирани за следната година веројатно да не опфатат со зголемувањето на платите на целата администрација, но и тогаш ние повторно ќе висиме и ќе зависиме од Колективен договор, затоа што другата администрација зема плата согласно законот за плати, а не со Колективен договор. Значи повторно ќе треба некој Колективен договор да се потпишува кој ќе биде одвоен од другите вработени… Досега зголемувањето на платите било со зголемување на вредноста на коефициентот, докторите имаат 3, 4, 5 коефициент и можеби ќе се зголемеше и повеќе од 25 отсто платата ако се одеше со таа техника на зголемување, додаде Јеремиќ.

Претседателот на Самостојниот синдикат на Клинички центар, Горан Беговиќ рече дека не е коректно да се зголемуваат плати само на едни профили, дека се на удар и лошо е кога за едни има зголемување на платите, а за други нема.

Многу е деликатна одлуката која треба да ја донесе Синдикатот. Всушност, Советот на Синдикатот донесе одлука да се потпише Колективниот договор. Не знаеме како правилно да постапиме. Имаме преговори со Министерството кои не сме ги завршиле. Ако не го потпишеме до 2 јануари Колективниот договор кој ќе ни гарантира утре дека луѓето ќе добијат зголемување на платите, ќе има ситуација сите да бидат незадоволни. Има објективна ситуација, кој гарантира утре дека техничката влада сигурно ќе го потпише тој колективен договор. Велат дека до 12 февруари ќе има некој мораториум, дали е тоа сигурно, што ако не го потпишеме. Навистина сме во деликатна ситуација. Опцијата да не потпишеме е многу деликатна. Како претседател не смеам тоа да го направам, затоа што имам одлука на Совет која ме обврзува, додаде Беговиќ.

Александар Трајчевски од Детска хирургија и член на Координативно тело на здравствена администрација и помошно-технички лица на јавните здравствени установи во обраќањето пред учесниците на протестот рече дека одвојувањето на здравствената администрација од другата администрација, што не било можно, како што порача министерот, не е круцијално за платата, која тие ја земаат според Колективен договор.

Со поддршка на министерот како Координативно тело поднесовме иницијатива за промена на Законот за здравствена заштита, истакна Трајчевски и побара од министерот Филипче „дела, а не само зборови“.

Дел од присутните на протестот побараа оставка од претседателот на Самостојниот синдикат на Клинички центар, Беговиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.