Јавноста ќе биде згрозена за степенот на забеганост на власта и нејзиниот степен на лукративност и криминализираност, изјави неодамна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој најави дека случајот „Рекет“ ќе има неколку продолженија, зошто во партијата секојневно пристигнуваат информации за афери, сведоштва на луѓе за притисоци и закани, за корупција во сите ешалони и тоа со документи, факти, лични сведоштва…

Обвинителството засега остана глуво на второто продолжение на „Рекет“, во кое министерот за здравство Венко Филипче и директорот на ФЗОМ Ден Дончев заради остварување лична корист ја оневозможиле продажбата на „Диамед“ на шведска фирма, со што спреличе странски инвеститор да вложи 11 милиони евра во Македонија.

Токму Филипче ја има главната улога и во аферата „Рекет 3“

Неодамна, кога Орце Камчев сведочеше за „Рекет“, во вкрстеното испрашување обвинетиот Бојан Јовановски првпат откри пред јавноста дека и двајцата имале средба токму со министерот за здравство.

Сега, аферата „Рекет 3“, всушност отвора сериозен сомнеж дека зад доцнењето на градбата на Клиничката болница во Штип стои рекетирање на македонски бизнисмени, преземање на домашна компанија („Бетон Штип“) со нејзино намерно туркање во стечај заради долг и потоа купување под реалната цена. Сето тоа е зачинето и со определувањето дополнителни буџетски средства, без казна за изведувачот, иако длабоко доцни со реализацијата, што отвора можност и сомнеж за нови лукративни позадини.

Зошто уште нема Клинички центар?

На 3 март 2016 година, тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ постави камен темелник за изградба на нов клинички центар во Штип, болница со површина од 34 илјади метри квадратни со која ќе се задоволат потребите на над 200.000 луѓе од регионот и која требаше да биде завршена до крајот на 2019 година. Работата за изградба, по избор на европската комисија за овој проект, е доверена на грчката компанија „Интракат“.

Откако СДСМ дојде на власт, градежните активности долго време стоеја во место. На почетокот на февруари 2019 година, Филипче изјави дека „Интракат“ го раскинала договорот со досегашниот подизведувач „Бетон Штип“ и бараат продолжување на рокот за градба.

Рокот прво бeше продолжен до почетокот на 2020 година, за сега последниот рок за завршување на изградбата почната во 2015 година, сега е 2021 година, а наместо предвидените 30 милиони евра за изградба, одеднаш таа ќе ги чини граѓаните 37 милиони.

Имено, деновиве Министерот за здравство побара од владата нови 7 милиони евра за изградба болницата, на која иако повторно ѝ се продолжува рокот, нема никакви поледици кон изведувачот. Изведувачот, грчката компанија „Интракат“, сега бара дополнителни пари со облазложение дека толку ќе чини машинското и електронското уредување на внaтрешноста на зградата поради надминување на претходно проектираните технологии.

Кога Филипче претходно го продолжи рокот за една година за градба, не ги акривираше парите оставени како банкарска гаранција, иако за тоа е обврзан со закон

Продизведувач на градежните работи била фирмата „Бетон Штип“. Против сопствениците на „Бетон Штип“, на 9 ноември 2018 година, СЈО отвори истрага под име „Империја“,  а непосредно пред тоа, во мај 2018 година, констатирано е дека грчката фирма „Интракат“ должи на подизведувачот „Бетон Штип“ околу 2 милиони евра. Тие пари „Интракат“ ги примил од државата за градба на Клинички центар но, одбива дел од нив да плати на „Бетон Штип“, што им е обврска кон подизведувачот кој, заради големиот долг, не е во можност да ги плаќа понатаму своите работници, материјали за работа, како ни фирмите кои работат за нив на тој објект.

Ова е причина за подоцнежното раскинување на соработката помеѓу „Интракат“ и „Бетон Штип“.

По запирање на работите од страна на „Бетон Штип“, менаџментот на проектот и на „Интракат“ се договараат со партнерите на „Бетон Штип“ самостојно да продолжат со работење на објектот, без оглед што имаат обврзувачки договори со „Бетон Штип“.

Веднаш по притварањето на Орце Камчев, пак, директорот на „Интракат“, Димитриос Кутрас, врши притисок „Бетон Штип“ да биде продаден на „Интракат“ за износ од 1,2 милиони евра, далеку под вредноста на компанијата.

Откако овој предлог е одбиен, „Бетон Штип“ паѓа под стечај на 2 јули 2019 година.

Сомнежите, на кои алармираа медиумите, е дека „Интракат“, со поддршка од власта, свесно ја уништил „Бетон Штип“ откако не успеал да ја купи по дампинг цена.

„Вечер“ објави дека кога го добил тендерот „Интракат“ поднел банкарска гаранција во износ од 3,5 милиони евра до Министерството за здравство но, банкарскатата гараница е од „Бетон Штип“. Ова значи дека по раскинување на договорот помеѓу „Интракат“ и „Бетон Штип“ банкарската гаранција пред Министерството за здравство не важи, и „Интракат“ мора да ја повлече и врати на „Бетон Штип“, а да даде своја. Во ваков случај или се распишува нов тендер или, ако не поднесе своја гаранција, министерот Венко Филипче е должен тендерскиот договор да го раскине и да бара финансиски надомест од „Интракат“, но ова не го сторил.

Според информации од фирмите кои работеле за „Бетон Штип“, „Вечер“ објави дека нивниот ангажман одел преку Трајче Заев, „Интракат“ е поврзан и со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и неговиот министер за граджеништво Љупчо Балковски, кој е директор на проектната единица.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.