МИА дојде до делови од извештајот за Македонија кој ќе биде официјално објавен попладне во Европскиот Парламент, Европската Комисија ја критикува блокадата за старт на преговори, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Европската Комисија е задоволна што Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување на ЕУ и што властите покажуваат јасна проевропска ориентација.

Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по ЕУ патот. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати и натаму, стои во извештајот за реформскиот напредок за  Македонија, кој ќе биде објавен во 15 часот попладне во Стразбур.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ќе го презентира извештајот пред пратеници од комисијата за надворешни работи на Европарламентот.

Извештајот понатаму ќе гласи дека ЕУ реформите се процес на долг рок кој бара постојан ангажман од владата и од опозицијата, како и од сите општествени чинители.

Македонија е поздравена во делот на усогласувањето на својата надворешна политика со таа на ЕУ со стапка од 96 отсто, што претставува зголемување од два процентни поени во споредба со 2020 година.

Во март 2020 членовите на Европскиот Совет едногласно ја одобрија одлуката да се отворање преговорите за членство со  Македонија. Одлагањата во официјалниот старт на преговорите за членство имаат негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ, предупредува Европската Комисија.

Таа нагласува дека билатералните прашања помеѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени.

Комисијата со нетрпение очекува и ја истакнува важноста од постојано имплементирање на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни. Во согласност со заклучоците на Советот, Комисијата ја продолжува потребната подготвителна работа и очекува првата Меѓувладина конференција да се одржи што поскоро штом се усвои преговарачката рамка од страна на Советот и пред крајот на оваа година, бара Европската Комисија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.